Извештајот „Приватноста на интернет во Македонија за 2009 година“ е резултат на следење на состојбите поврзани со правото на приватност, како и комплементарното право на слободен пристап до информации од јавен карактер во текот на 2009 година.

Извештајот документира прашања поврзани со основите и измените на законските рамки, активностите на регулаторните тела и државните органи, како и состојби и настани од интерес за јавноста од овие области.

Меѓу другото, утврдено е исклучително ниско ниво на присуство на политики за приватност на македонскиот веб-простор, особено кај владините веб-сајтови, како и низа појави кои директно или индиректно може да ја загрозат приватноста на граѓаните, а може да се решат со воведување обврзни стандарди за владините институции, како и доброволно усвојување на кодекси на однесување од другите чинители.

Нацрт-извештајот е објавен со цел јавноста да има активна улога во неговото дооформување и може да се преземе од веб-сајтот на Метаморфозис, а вашите препораки или забелешки во врска со него да ги испратите на info@metamorphosis.org.mk, или да придонесете во расправата преку коментари на Пинг.мк.

Овој документ е изработен од Фондацијата Метаморфозис во соработка со ФИООМ, ДЗЛП и други стручни лица и активисти, врз основа на стандардите и соработката со ЕПИЦ од Вашингтон и Прајваси интернешнал од Лондон започната од 2006 година во рамки на изготвувањето на глобалниот извештај за приватност и човекови права (Privacy and Human Rights: An International Survey of Privacy Laws and Developments), како и активностите во рамките на асоцијацита за Европски дигитални права – ЕДРИ.

Финалната верзија на извештајот за 2009 година, дополнета со податоците за првата половина на 2010 година, ќе биде употребена при изработката на делот за Македонија во рамки на глобалниот извештај составен преку проектот Европска приватност и човекови права, кој со поддршка на Европската Унија го спроведуваат Прајваси интернешнал, ЕПИЦ и Центарот за медиумски и комуникациски студии.

Основните наоди од нацрт-извештајот за Македонија беа презентирани на јавната тркалезна маса „Приватноста во Македонија“ која се одржа на 4 јуни 2010 година во Скопје.

Сподели: