treto-dobaВо соработка со фондацијата Метаморфозис, се одржа презентација за можностите кои ги нудат компјутерите и интернетот особено, од кои може да се ползуваат разни користи во секојдневниот живот. Во рамките на презентацијата, присутните се запознаа со можностите на простите алатки кои можат да ги користат во склоп на оперативниот систем на компјутерот, алатките кои ќе им помогнат да остваруваат евтина, брза и практична комуникација со блиските во странство, такви кои ќе им овозможат прелистување и пребарување на содржини, а им беа посочени и некои корисни веб-ресурси, соодветни на нивните потреби и возраст. Презентер на овој настан беше Ирина Шумадиева.

Публиката беше прекрасна. Слушателите внимателно и заинтересирано ја следеа презентацијата. Некои фаќаа и забелешки, други ги изразуваа своите воодушевувања по завршувањето на презентацијата. Интересен е фактот што голем број од присутните на оваа презентација, ги имаат поминато бесплатните компјутерски курсеви од владата на РМ, па ова предавање претставуваше дополнување на нивните знаења и проширување на нивните хоризонти.

Ова предавање беше дел од редовните едукативни предавања за студентите од „Трето доба“, кои се одржуваат секој четврток, во истото време и на истото место. На ваквите средби обично присуствуваат по 70-100 слушатели.

Универзитетот „Трето доба“ е организација за доживотно учење и активен-здрав живот во трето доба.  Во неа членуваат околу 470 пензионери-студенти над 50-годишна возраст чија цел е континуирано образование и дружење заради посодржаен живот. Покрај предавањата, членовите посетуваат и разни курсеви, семинари, се вклучуваат во културно-уметнички активности, одат на екскурзии (теренска настава) итн.

Сподели: