otvoranje-na-seminarot-mala Семинарот се одржа во хотелот „Климетица“ во Охрид, а го посетија 34 учесници и 8 луѓе во улога на организатори, презентери и фацилитатори. Од 34-те учесници, дел беа претставници од НВО-ии кои по завршувањето на семинарот треба да ја преземаат улогата на едукатори во училиштата, додека останатите беа наставници од училиштата кои имаа можност да го посетат семинарот со цел да им ги пренесуваат овие знаења на своите ученици во иднина.

По пристигнувањето и сместувањето во хотелот, се одржа куса презентација на проектот и неговите цели, беа поделени едукативните материјали наменети за учесниците и секако беше објаснета улогата на секој едукатор, како и обврските кои треба да ги исполни.

Накусо, услов за еден претставник од една НВО да ја земе улогата на едукатор, беше да го посети овој семинар на кој ќе се стекне со потребните знаења и информации. Понатаму, секој од едукаторите треба да исполни по 5 едукативни презентации во секое училиште во градот од каде доаѓа. 3 од овие презентации се наменети за едукација на децата за безбедно користење на интернетот, една е наменета за нивните родители, додека последната треба да ги опфати наставниците. Оваа активност треба да биде завршена до крајот на месец мај, а за секоја изведена презентација ќе следат редовни извештаи. Презентациите се достапни за преземање од овој веб сајт, а можат слободно да се користат и во други едукативни цели. Презентацијата за деца е наменета за учениците од основните училишта и тоа од прво до шесто одделение, додека за учениците од седмо и осмо одделение, како и за средношколците, треба да се користи презентацијата за тинејџери.

Со едукацијата ќе бидат опфатени вкупно 28 основни и средни училишта во Македонија и тоа во следните градови: Скопје, Битола, Прилеп, Штип, Куманово, Делчево, Охрид, Струга, Тетово, Гостивар и Кавадарци. Во овие градови, едукативните презентации ќе се одржуваат во 18 македонски училишта и во 10 албански. Од нив, 16 се основни училишта, додека средни се 12.

 
Вториот ден започна со две паралелни сесии во две сали каде учесниците беа поделени во групи. Во едната се одвиваше работилница за детските права на интернет која ја водеа Гордана Пирковска Змијанац и Драги Змијанац од Меѓаши, додека во другата, Елена Стојановска од Дирекцијата за заштита на личните податоци имаше презентација за личните податоци воопшто, личните податоци на интернет, мерки на претпазливост, како и случаи на злоупотреба на личните податоци на интернет кои биле пријавени во Дирекцијата. По паузата следуваше втората сесија со истиот концепт, при што групите си ги заменија местата и на тој начин секој учесник на семинарот имаше можност да се стекне со потребната подготовка за она што следуваше потоа.

prezentacija-metamorfozis-mala Третата сесија ги обедини двете групи на кои им беше презентиран материјалот кој едукаторите ќе треба да го користат во училиштата, а се однесува на заштита на децата и нивните права на интернет. Презентацијата ја одржа Ирина Шумадиева од Фондација Метаморфозис, а ги опфати четирите презентации наменети за секоја целна група, публикациите кои треба да им се поделат на учениците, односно постерот кој ја содржи повелбата за правата на децата на интернет, летокот за вешто користење на интернетот, како и брошурата за заштита на личните податоци на интернет. На крајот беше разгледан веб-сајтот на проектот кој исто така им е наменет на сите категории на посетители. По тричасовната сесија, следуваше групна вечера во ресторанот „Климетица“ во Струга.
 
Утредента беше организирана работилница на која учесниците беа поделени во групи според градовите од кои доаѓаат. Групите имаа задача да направат план за презентациите во училиштата, чекори кои планираат да ги преземат, одговорности кои ги имаат и сл. а беше оставен простор и за идеи за организација на училиштен час на оваа тема, кои ќе можат да се искористат за едукација од овој тип, надвор од едукациите кои се предвидени. Плановите потоа беа презентирани од страна на еден претставник од групата. Паралелно, во друга просторија се делеа едукативните материјали за учениците, како и евалуационите прашалници кои треба да ги пополнат наставниците, родителите, децата и средношколците непосредно пред самите презентации. На крајот, беше оставен простор за прашања, нејасности и предлози кои беа одговарани и разгледувани на групна средба.

По ручекот, семинарот се сметаше за завршен, па учесниците почнаа да се враќаат во своите градови. Тие беа задоволни од програмата на настанот и покажаа висока мотивираност за работата која треба да ја преземат во идниов период. Според нивните реакции и коментари, очекувањата за спроведување на едукациите низ училиштата во Македонија се позитивни и ветуваат успех.

Сподели: