Семинарот ќе го проследат околу 40 учесници, претставници на НВО-ии и претставници од повеќе основни и средни училишта од Македонија. Целта на семинарот е да го обезбеди потребното ниво на едукација од областа на заштитата на децата на интернет, заштитата на личните податоци, како и на детските права воопшто, што треба да резултира со квалитетни презентации низ училиштата кои целосно ќе ги спроведат едукаторите-учесници на семинарот. Исто така, предвидено е формирање на мрежа од невладини организации која ќе се бави со оваа проблематика и во иднина, а не само за времетраење на презентациите  во училиштата.

Првиот ден, учесниците на семинарот ќе имаат можност, пред сè, да се запознаат со проектот, целите кои со него треба да се постигнат и нивната улога во него.  Вториот ден е резервиран за едукативните сесии кои ќе ги водат: Гордана Пирковска Змијанац и Драги Змијанац од „Меѓаши“ кои ќе имаат работилница за правата на децата, Елена Стојановска од „Дирекцијата за заштита на личните податоци“ и Ирина Шумадиева од „Метаморфозис“ која ќе одржи серија едукативни презентации за безбедноста на децата на интернет. Последната сесија ќе ги истакне клучните прашања со кои се занимава овој проект, и тоа оние кои се важни од аспект на децата, тинејџерите, нивните родители и наставниците во училиштата. Ова се воедно и целните групи на проектот кои треба да се опфатат со презентациите во училиштата и кои едукаторите треба да ги реализираат до крајот на месец мај.

Последниот ден, ќе се организираат две групи со кои паралелно ќе работат претставници од „Метаморфозис“ и претставници од „Меѓаши“. Учесниците во групите ќе добијат практични задачи кои ќе треба да ги презентираат пред останатите. Оваа активност најдобро ќе ги подготви едукаторите за нивната идна работа.

На семинарот, ќе се презентираат и сите публикации кои беа издадени во рамките на проектот (постер со Повелба за правата на децата на интернет, едукативен леток на тема: Биди вешт интернет корисник и брошура за заштита на личните податоци на интернет „Ти одлучуваш…“ – сите достапни на македонски и албански јазик). Исто така, посебно ќе биде презентиран веб-сајтот на проектот, при што детално ќе се разгледуваат на него достапните содржини.

Сите печатени материјали ќе им бидат предадени на едукаторите кои понатаму ќе треба да ги делат во училиштата каде ќе ги спроведуваат обуките.  За сите активности низ училиштата, кои ќе следуваат после семинарот, задолжени ќе бидат двајцата регионални координатори на мрежата од НВО-ии кои ќе бидат назначени на самиот настан. Нивната функција ќе се состои во спроведување на резултатите од активностите во училиштата, до партнерите во проектот, како навремено би се осигурала прецизна слика за моменталните случувања и ефекти од работата.

Проектот “Заштита и безбедност на децата и нивните права на интернет“ е поддржан од ЕУ. 

Сподели: