Во општинската сала на Гази Баба денес уште 7 градоначалници ја потпишаа Декларацијата за отвореност, отчетност и транспарентност на локалната самоуправа и тоа: градоначалниците на Гази Баба, Аеродром, Боговиње, Врапчиште, Желино, Ѓорче Петров и Карпош.

Имено, се работи за иницијатива на Метаморфозис, која почна пред три недели со доставување на писмо за интерес до сите градоначалници за потпишување на текстот на Декларацијата , која содржи принципи на отвореност, отчетност и транспарентност. Градоначалниците на општина Гази Баба и општина Карпош беа ко-организатори и домаќини на заедничкиот настан со цел изразување поголема поддршка за предложената иницијатива.

Текстот на Декларацијата може да го прочитате тука

 

Иницијативата е резултат на спроведено истражување во 2016 година, согласно посебна Методологија за работа и индикатори. Во Анализата беше утврдено дека локалната самоуправа исполнува само 27% од индикаторите за отвореност, така што Република Македонија е на најниско ниво од земјите во регионот.

„Овој податок е загрижувачки со оглед дека мерењето е направено на обезбедувањето на пристап до информации кои треба да се објавени на општинските веб страници без да бидат побарани, како на пример, одлуките кои ги носат Советите на општините, одлуките кои ги носат градоначалниците, записниците од седниците на Советите на општините, Статутот на општините и Деловниците за работа на Советите. Во тие рамки, сметавме дека е соодветно да ги поканиме градоначалниците во изминатите три недели да потпишат документ, со кој, не само што ќе покажат дека ги препознале основните принципи на нивното работење, ами и се согласни да работат по нив. На тој начин го одбележавме и 09-ти декември – ден за борба против корупција, како и 10 декември – меѓународен ден за човековите права“, истакна г. Бардил Јашари, директор на Метаморфозис.

На ниското исполнување на индексот на достапност од страна на општините влијаеше и нивната недоволна интеракција со граѓаните преку социјалните мрежи, необјавувањето на месечни информатори за граѓаните за работата на општините, како и недостатокот на јавни дебати за граѓаните за прашања од локално значење, необјавување на планови за јавни консултации со граѓаните за општинските политики и записниците од одржани средби со граѓаните.

„За подобрена транспарентност на македонските општини, секоја активност која е финансирана со јавни пари мора да биде јавна, а информациите за овие активности мора да бидат еднакво и лесно достапни за сите граѓани за што се залагаме и во нашето работење“, напомена градоначалникот на општина Гази Баба, г. Борче Георгиевски, како домаќин на настанот.

Досега 30 градоначалници ја потпишаа Декларацијата и тоа од следните општини:

  1. Аеродром
  2. Битола
  3. Боговиње
  4. Брвеница
  5. Бутел
  6. Велес
  7. Вевчани
  8. Врапчиште
  9. Гази Баба
  10. Демир Хисар
  11. Ѓорче Петров
  12. Желино
  13. Центар Жупа
  14. Илинден
  15. Кавадарци
  16. Карпош
  17. Кратово
  18. Крушево
  19. Куманово
  20. Крива Паланка
  21. Лозово
  22. Македонски Брод
  23. Маврово и Ростуше
  24. Радовиш
  25. Охрид
  26. Теарце
  27. Тетово
  28. Зелениково
  29. Зрновци
  30. Штип

Декларацијата останува отворена за потпишување до 25 декември 2017 година и ги покануваме и останатите градоначалници да ја потпишат.

Сподели: