Мени

Дискусија за вклучување на Собранието во Отвореното владино партнерство

DSC_0144На покана од Амбасада на Швајцарија во РМ, а во рамките на проектот на НДИ (Националниот демократски институт) за поддршка на Парламентарниот институт, претставник од Метаморфозис – во периодот од 09/10 ноември, зеде активно учество на дводневната дискусија и планирање за вклучување на Собранието на Република Македонија во Отвореното владино партнерство (ОВП). Отвореното владино партнерство, како концепт беше лансирано во 2011 година на глобално ниво за да се обезбеди меѓународна платформа за домашните чинители кои се обврзаа да ги направат своите влади поотворени, одговорни и насочени кон граѓаните. Република Македонија е дел од овој процес, a Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис игра клучна улога во делот на заложбата за отвореност на податоците.

Настанот беше проследен со интересни и отворени дискусии од страна на пратениците, собраниската служба, граѓанските организации и донаторите, со цел подигнување на нивото на свесност за транспарентно и одговорно работење на Собранието на РМ.

Од наша страна беа презентирани досегашните резултати од спроведеното истражување за отвореност на Собранието направено во рамки на проектот ACTION SEE. Овој проект е насочен кон оценување на отвореноста на институциите во регионот, почитувајќи ги принципите на отворено владеење: транспарентност, пристапност, интегритет и свесност. Овие принципи се однесуваат на сите гранки и нивоа на владеење, од централната извршна власт, до локалната самоуправа, парламентот и судскиот систем. Оценувањето се спроведе во периодот од октомври, до крајот на декември, 2016 г. и врз основа на следењето на податоците и наодите се создаде сет на препораки и насоки, кои беа посочени на дискусијата, а кои се однесуваа на подобрување на финанскиската транспарентност, подобрување на комуникацијата со граѓаните, достапност на записници од координациите што претседателот на Собранието ги води со пратеничките групи, како и усвојување на Етички кодекс за пратениците.