Проектот на УСАИД за граѓанско учество (CEP) и Фондацијата Метаморфозис со задоволство ги објавуваат грантовите за стратешка поддршка доделени на шест организации по објавеното барање за апликации за грантови (RfA # CEP-SSG-01):

  • Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ;
  • Здружение Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација;
  • Здружение за образование МЛАДИИНФО ИНТЕРНАЦИОНАЛ;
  • Паблик – Здружение за истражувања, комуникации и развој;
  • РЕАКТОР – Истражување во акција;
  • Коалиција на младински организации СЕГА.

Им посакуваме среќа во спроведувањето на проектните активности во наредните две до три години.

Подолу ќе најдете кратка содржина на проектите кои ќе се спроведуваат во наредните три години.

Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ Име на проектот: Патишта до правдата за жените жртви на семејно насилство
Времетраење: 24 месеци
Корисници: Жените жртви на семејно насилство; обезбедувачи на правда и носители на политики.
Намена и цели: Проектот има за цел да го подобри пристапот до правда за жените жртви на семејно насилство. Ќе вклучува четири комплементарни пристапи: (1) судски мониторинг; (2) обезбедување специјализирана помош и поддршка за жртвите на семејно насилство; (3) темелна анализа на детектираните недостатоци и (4) преземање на соодветните активности за застапување за да се забрзаат суштинските правни реформи.
Здружение Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација Име на проектот: Активни граѓани за добро владеење
Времетраење: 36 месеци
Корисници: Младите, претставници на образовни институции, граѓански организации, маргинализирани заедници, медиуми, општински администрации.
Намена и цели: Проектот има за цел да ги обучи граѓаните да станат релевантни и подготвени набљудувачи во нивните заедници. Проектот се стреми да ги поттикне главно младите луѓе да бидат заинтересирани и да бидат активни чинители. Преку проектот, луѓето ќе се едуцираат како да ги спроведуваат нивните иницијативи и акции во врска со локални прашања и ќе се поттикне создавањето на локални мрежи во општините, каде луѓето ќе продолжат да го пренесуваат стекнатото знаење. Локалните граѓански организации ќе бидат охрабрени да комуницираат со луѓе од нивните заедници, првенствено да бараат заинтересирани луѓе кои би присуствувале на обуката која ќе се одржи во склоп на проектот.
Здружение за образование МЛАДИИНФО ИНТЕРНАЦИОНАЛ Име на проектот: Мрежа на младински банки Македонија
Времетраење: 24 месеци
Корисници: Младите
Намена и цели: Проектот има за цел да промовира овозможувачка средина за право, политики и бизнис за вработување за младите преку моделот на младински банки (МБ) во Македонија. Проектот се стреми да постави активна и препознатлива мрежа за поддршка при вработување на младите преку градење на капацитетите на мрежата на МБ и преку обезбедување правни и услуги за поддршка на политиките за општините и граѓанските организации за воспоставување на овозможувачка средина за бизнис.
Паблик – Здружение за истражувања, комуникации и развој Име на проектот: Општествените претпријатија (ОП) ги поврзуваат точките: економски раст, развој на заедницата и општествена инклузија
Времетраење: 36 месеци
Корисници: Бездомници, лица со посебни потреби, самохрани родители, Роми, долгорочни невработени, неквалификувани лица, луѓе кои живеат со зависности.
Намена и цели: Проектот има за цел да ја поттикне средината за развој на општествена економија во Македонија преку создавање и поддршка на општествени претпријатија, кои имаат блиски врски со нивните заедници. Проектот исто така има за цел да ги зајакне капацитетите на општествените претпријатија (ОП) и непрофитните организации за создавање одржливи работни места за маргинализираните групи. Во меѓувреме, проектот ќе цели да влијае на правната рамка во создавањето политики кои ги поддржуваат потребите на ОП и можностите за вработување на маргинализираните групи.
РЕАКТОР – Истражување во акција Име на проектот: Мобилизирање за родова еднаквост
Времетраење: 36 месеци
Корисници: Жените, граѓански организации кои работат на родова еднаквост, функционери од општините
Намена и цели: Проектот има за цел да ја унапреди родовата еднаквост преку (1) мобилизирање на јавната поддршка околу решенија за политики за подобрување на јавните услуги; зајакнување на капацитетите на (2) Платформата за родова еднаквост и (3) општините да ја интегрираат родовата еднаквост и подобро да им служат на жените избирачи.
Коалиција на младински организации СЕГА Име на проектот: Зајакнување на учеството на младите во локалните заедници
Времетраење: 36 месеци
Корисници: Младите, младински граѓански организации
Намена и цели: Проектот има за цел да го зголеми влијанието на младинските граѓански организации во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво. Ова ќе придонесе кон подобрување на целокупниот статус и добросостојба на младите луѓе низ земјата. Целта на проектот ќе биде постигната преку исполнување на следниве поконкретни цели: 1) Развиена и применета иновативна алатка за детектирање на потребите на младите, фокусирана на граѓанското учество; 2) Зголемено знаење и вештини на младинските граѓански организации да ги адресираат вистинските потреби на младите луѓе; 3) Подобрено разбирање на учеството на младите во локалната заедница.

 

Сподели: