SID2019Денеска, 5 февруари во над 140 земји од светот се одбележува меѓународниот Ден на побезбеден интернет под мотото „Заедно за подобар интернет“. Одбележувањето на овој ден претставува повик за акција кон сите засегнати страни, со заеднички сили да помогнат во креирањето на подобар интернет за сите, особено за младите.

По тој повод, Фондацијата Метаморфозис во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација го одбележува денот со ново едукативно видео за подигнување на свесноста кај младите за потребата од побезбедно и поодговорно користење на онлајн технологиите и мобилните телефони.

Сите заинтересирани можат да се вклучат во кампањата и да ја изразат својата поддршка преку тоа што ќе:

  1. Речат НЕ на сајбер насилството
    Онлајн насилството е широко распространет проблем и сосема е сигурно дека сите оние што се активни на социјалните медиуми имаат посведочено или биле жртва на ваков вид насилство. Но, добрата вест е дека младите од Европа се организираат против онлајн насилството преку кампања наречена #Togetherforrespect (Заедно за респект).
  1. Ќе ја заштитат нивната приватност онлајн
    Приватноста онлајн можеби изгледа смешно од оваа перспектива, но заштитата на личните податоци е неопходна за да може безбедно и сигурно да се ползуваат благодатите на онлајн светот. Податоците на граѓаните константно се прибираат од страна на платформите за социјални медиуми и разни апликации кои се користат на дневна основа. Ако не се обрнува доволно внимание на поставките за приватност, злонамерни лица можат да добијат пристап до податоците на граѓаните и да ги искористат за наштетување репутацијата или уцени.
  1. Ќе научат да размислуваат на критички начин
    Измамите на интернет добиваат екстремни пропорции и за оние кои ќе наседнат може да има сериозни последици. Освен измамите, многу поширок е проблемот за дезинформациите и лажните вести. Поради тоа, развојот на вештините за медиумска писменост е апсолутно неопходен.

На оваа веб страница се прикажани сите активности кои што се случуваат насекаде низ светот каде луѓе со слични идеи и предлози се обидуваат да го направат интернетот побезбедно место за сите.

Дополнителни ресурси за начините за заштита на децата и младите на интернет се достапни на веб-страницата на Проектот за Заштита и безбедност на децата и нивните права на интернет – CRISP (Children’s Rights on the Internet – Safe and Protected) crisp.org.mk или bezbednonainternet.mk.

Активностите за Денот на побезбеден интернет може да ги следите и на социјалните медиуми преку #SID2019 и #SaferInternetDay.

Сподели: