Мени

Формиран Дигиталниот Форум за информатичко-комуникациски технологии

На денешната конститутивна седница со која претседаваше министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, беше формиран Дигитален форум за информатичко-комуникациски технологии како партнерски и коалициски форум за размена на идеи помеѓу институциите и останатите засегнати страни, кои се поддржувачи на дигиталното партнерство.

Од МИОА посочуваат дека идејата за формирање на форумот произлегла како резултат на препознавањето на важноста на дигиталната трансформација и четвртата индустриска револуција, што неопходно бара вклучување на сите страни во заедничка координација со цел поддршка на транзицијата на економијата и домашниот пазар.

За претседател на Дигиталниот форум е избран проф. д-р. Боро Јакимовски, претставник од академскиот сектор и професор на ФИНКИ, а за заменик-претседател г. Бардил Јашари, претставник именуван од невладиниот сектор и извршен директор на Фондацијата „Метаморфозис“.

На седницата беше утврдена и динамиката со која би се состанувале членовите, идните чекори во насока на прецизирање на визијата и целите на новоформираниот Дигитален форум, како и начинот на понатамошна комуникација со националниот совет за ИКТ и сајбер безбедност.

Во форумот освен министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и претседателот на  Националниот совет за ИКТ и сајбер безбедност Владимир Цветковиќ, членуваат уште 12 претставници од невладиниот и академскиот сектор, како и Стопанските комори поврзани со информациско-комуникациските технологии.

Дигиталниот форум ќе работи врз основа на размена на идеи, искуства и информации од областа на информатичкото општество и обезбедува координација и учество во развојот на информатичкото општество на јавниот, приватниот, граѓанскиот сектор и академската заедница.

Министерот Дамјан Манчевски им се заблагодари на присутните за нивната желба да помогнат и активно се вклучат во работата на Форумот, чија цел е освен владините институции да се слушне и другата страна на учесниците во ИТ секторот кои би помогнале во развивањето на политиките и стратегиите во областа на информациско-комуникациските технологии и информатичкото општество.