Мени

Говор на омраза на Музејот на албанската азбука во Битола!

Платформата против говор на омраза[1] го осудува настанот во кој е демолиран Музејот на албанската азбука во Битола[2]. Имено, на Денот на албанската азбука 22-ри ноември, во доцните вечерни часови непознати сторители го вандализирале Музејот на албанската азбука во Битола, притоа испишувајќи текст кој содржи говор на омраза врз етничка припадност односно упатува навредливи и понижувачки пораки кон албанската етничка заедница. Ова е четврт ваков напад над Музејот. Претходниот инцидент се случи пред само 10 дена[3] при што на влезната врата на Музејот беше испишан кукаст крст, а првиот и вториот инцидент се случија во мај и јули 2013 година[4].

Платформата упатува повик до надлежните органи да преземат итни мерки за гонење и казнување на сторителите.  Ги повикуваме надлежните државни институции, Министерството за внатрешни работи, јавните обвинителства и судовите да преземат итни и неодложни мерки за гонење на говорот на омраза. Потсетуваме дека неказнивоста на ширењето и промовирањето на говор на омраза во јавниот простор претставува толеранција и оправдување на говорот на омраза. Дотолку пострашно, се охрабрува неговото користење кое неизбежно води кон опасност да предизвика и резултира со дела од омраза. Во демократско општество во кое се промовира толеранцијата, еднаквост и соживот, не треба да се остави простор за опстојувањето на говорот на омраза и да се толерира неговата употреба.


[1] Членови на Платформата се Хелсиншки комитет за човекови права, ЛГБТИ Центарот за поддршка, Метаморфозис- фондација за интернет и општество, МИМ- Македонски институт за медиуми, Цивил МК, Пактис- Прилеп и Мултикултура – Тетово, Младински образовен форум (МОФ)

[2] http://24vesti.mk/vandalizam-oshteten-muzejot-na-albanskata-azbuka-vo-bitola

[3] http://www.zlostorstvaodomraza.com/reports/view/344

[4] http://www.zlostorstvaodomraza.com/reports/view/45

http://www.zlostorstvaodomraza.com/reports/view/75