Неодамна Метаморфозис објави вест за новиот македонски пребарувач Најди!. Деновиве разговаравме со човекот кој стои зад овој проект. Тоа е Петар Кајевски кој моментално живее и работи во Лондон.

Еве што ни изјави тој за Најди!
– До пред неколку месеци постоеше голем јаз помеѓу солидното количество на македонски пишувани материјали на интернет и можноста за пребарување на истите. Не постоеше сериозен македонски пребарувач, а стандардните пребарувачи како Google многу површно ги индексираа и сè уште ги индексираат македонските сајтови. Како дополнителен проблем, малку сајтови имаат интерна можност за пребарување, па до материјалите може да се пристапи само со навигација.

Резултат на тој јаз е неможноста на корисниците да лоцираат голем дел од материјалите релевантни за нивните прашања, иако тие материјали постојат во веб верзија. Ова важи и во спротивната насока, т.е. организациите кои ги создаваат овие материјали имаат проблем со “пласманот” на истите до читателите.

Тоа беше причината за појавувањето на Најди! Верувам дека полза од Најди! веќе имаат сите што имаат потреба од каква било информација од македонските сајтови, како и сите што објавуваат какви било информации на тие сајтови. Корисниците имаат на располагање многу поголем фонд на страници за пребарување во однос на постоечките пребарувачи. Само за информација, моментално се индексирани 387 000 македонски страници и преку 40 000 англиски страници. Тој број се зголемува од ден на ден.

Исто така, спореден, но значаен ефект од работењето на Најди! е создавање на еден вид македонска интернет архива.

Интерфејсот на Најди! е лесен за користење, без графички компоненти и има мало време на вчитување. Нуди голем број на опции што помагаат во оптимизирање на пребарувањето. Нуди македонска и англиска верзија.

Постојат две главни разлики во пристапот кон индексирањето на сајтови помеѓу Најди! и стандардните пребарувачи како Google. Како прво, Најди! ја „познава“ организацијата на сајтот индексирајќи ги сите релевантни страници и ништо повеќе. Втората разлика е во тоа што Најди! ја „разбирања“ содржината на страниците на поодделни сајтови, што овозможува богато опишување на написите со полиња како автор, наслов, датум, но и елиминирање на текстот кој нема врска со самите написи. Покрај HTML страниците, сајтот индексира и PDF и Word документи, кои често содржат многу информации кои не се објавени како веб страници.

За да се сочуваат авторските права на сопствениците на сајтовите, Најди! не нуди можност за преглед на кеширани страници (како Google), туку дава само линкови кон сајтовите, со што пристапот кон материјалот останува под целосна контрола на сопствениците на сајтовите.

Сподели: