Мени

Јавна дебата за пиларот е-образование

На 24.02.2005 година со почеток во 12 часот во просториите на ЈИЕ Универзитетот во Тетово се одржа јавна дебата за пиларот за е-образование од нацрт-верзијата на „Националната стратегија за развој на информатичкото општество“ којашто ја изготвува Националниот таск-форс за информатичко општество под раководство на Комисијата за информатичка технологија (КИТ) на Владата на Република Македонија. Овој проект е поддржан од Фондацијата Институт отворено општество- Македонијa (ФИООМ) и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Домаќин на јавната дебата беше ректорот на ЈИЕ Универзитетот, проф. д-р Алајдин Абази, а модератор доц. д-р Владимир Радевски, лидер на тим на пиларот е-образование и декан на Факултетот за комуникациски науки и технологии при ЈИЕ Универзитетот. Од членовите на таск-форсот на дебата учествуваа уште и Јани Макрадули, пратеник во Собранието на Р. Македонија и претседател на КИТ, Гоце Арменски, драфтер на пиларот е-образование, Коста Трпковски, директор на Управата за Телекомуникации, Филип Стојановски, Фондација Метаморфозис, а присутни беа и голем број професори и граѓани.

Дебатата ја отвори ректорот Абази, наведувајќи дека успешната имплементација на ИКТ во Универзитетот ќе придонесе за подобрување на функционирањето на институцијата. Тој ги запозна присутните со состојбата со ИКТ на ЈИЕ Универзитетот. Студентите на ЈИЕ Универзитетот ги пријавуваат своите испити по електронски пат, нивните досиеја се водат во електронска форма, распоредите ги добиваат он-лајн, секој вработен и секој студент имаат своја имејл адреса и можност за пристап до јавните материјали. На Универзитетот има можност за учење на далечина, некои предавања се одржуваат преку видео-конференции, а има и додипломски и постдипломски студии за комуникациски науки и технологии. Ректорот додаде дека во соработка со Универзитетот Индијана и УСАИД на ЈИЕ Универзитот е имплементиран и систем за работа со документи, Ангел.

Ректорот изјави дека во иднина ќе се работи на зголемување на употребата на ИКТ во образовниот процес. Тој додаде дека образовните институции не се само центри на образованието туку и центри за развој на ИКТ во целост.

Владимир Радевски ја претстави нацрт-верзијата на „Националната стратегија за развој на информатичкото општество“, а Гоце Арменски имаше презентација посветена на пиларот е-образование. Според него состојбата со ИКТ во  воопшто не е розова. Образованието има недоволно развиена ИКТ структура и недоволна оспособеност на кадри, што резултира со слаба застапеност на ИКТ во наставните процеси. Лошата слика ја надополнува и „одливот на мозоци“, односно одливот на ИКТ експерти во странство. Тој додаде дека се подготвува пилот-проект за квантитативна анализа за состојбата со ИКТ во образованието преку која ќе се дознае бројот на компјутери во образовните институции како и нивната искористеност. Цели на „Националната стратегија за развој на информатичкото општество“ во делот на е-образование се подобрување на ИКТ инфраструктурата во образовните институции, зголемена употреба на ИКТ во образовниот процес, зголемување на дигиталниот контент, како и внесување на ИКТ во граѓанското образование. Една од стратешките мерки за постигнување на овие цели е преведување и издавање на литература од областа на ИКТ.

Прашања и забелешки

        На прашањето на градоначалникот на Гостивар, Џемаил Реџепи за колку време ќе се реализира предвиденото ако се земе предвид дека не постои инфраструктура во Македонија, Радевски одговори дека може да се зборува само за рок за изработка на Стратегијата. Таа треба да биде завршена до април оваа година, а потоа да биде доставена до Собранието и до Владата на Македонија. Тој додаде дека во Акциониот план ќе има приоритетна листа на проекти коишто треба да бидат реализирани и таа листа ќе им биде понудена на Владата и на странски донатори, а динамиката ќе зависи од расположението на сите структури. Јани Макрадули се согласи дека инфраструктурата претставува проблем и додаде дека во Акциониот план ќе бидат наведени проекти кои ќе треба да се реализираат до 2007 година. Членовите на КИТ се свесни дека некои од проектите се преамбициозни и една од причините за јавните дебати е да се определи приоритетот на проектите, односно да се класифицираат на краткорочни и на долгорочни.

Аксенти Грнаров забележа дека реализацијата на Стратегијата нема да успее без Министерство за информатичко општество. Тој додаде дека успешната реализација на Стратегијата е многу важна за Македонија и дека за тоа се потребни многу луѓе, и тоа не само информатичари. Според него во Македонија се потрошени многу пари за проекти, но резултати нема. На крајот заклучи дека студентите се осакатуваат на универзитетите.

Според Анета Бучковска, продекан за наука на Електротехничкиот факултет во Скопје, Стратегијата не носи ништо ново, не нуди решенија, само зборови без дела. Таа смета дека МАРНет треба да биде организатор на реализацијата на Стратегијата и додаде дека МАРНет се бори на национално ниво да влезе во проект за регионализација на комплетна инфраструктура во регионот на Југоисточна Европа. Проектот ќе биде реализиран со средства од ЕУ, а Македонија треба да учествува со 20% од вкупната сума потребна за реализација, односно со 400.000 евра. Проектот треба да започне следната година. МАРНет во рамките на австриски проект има реализирано локална инфраструктура, а во рамките на НАТО проект има безжична конекција. Таа смета дека Акциониот план не може да функционира без точни датуми за спроведување на проектите.

На претходното излагање се надоврза и Маргита Кон- Поповска, член на МАРНет, која појасни дека МАРНет е член на европската асоцијација на академски мрежи, Терена. Таа додаде дека сите проекти коишто се финансирани од европските институции бараат и владино учество во делот на финансирањето. Значи, покрај странските донации потребни се и дополнителни средства од буџетот на Македонија.

Јани Макрадули одговори дека проектите во Акциониот план ќе бидат детално дефинирани, вклучувајќи ја и временската рамка за нивна реализација.

Пол Фостер од ЈИЕ Универзитот изјави дека неопходна е либерализација на пазарот на телекомуникации.

Замир Дика забележа дека Акциониот план треба да биде вметнат во нацрт-верзијата на Стратегијата за сите да имаат увид на временската рамка за реализација на проектите. Според него приоритетно треба да биде зголемувањето на интернет пенетрацијата и едукацијата на населението, а во Стратегијата да има посебен дел во којшто ќе биде наведено формирање на кластер за јазична поддршка. Тој сугерираше дека во КИТ треба да бидат застапени претставници од сите етнички заедници.

Јани Макрадули одговори дека ова е прва Стратегија во чијашто подготовка заеднички учествуваат сите четири универзитети, Масит, Фондацијата Институт отворено општество- Македонија и УНДП кои сами делегираат свои претставници. Тој додаде дека веб-сајтот www.uslugi.gov.mk ќе има локализирани верзии на македонски и на албански јазик.

Арвана Кадриу, асистент на ЈИЕ Универзитетот, предложи организирање на летни школи за да им се помогне на студентите и професорите да ја разберат и употребуваат ИКТ.

Абдулменаф Беџети смета дека Стратегијата треба да има дел кој ќе дефинира обука на бизнис-секторот, особено на малите и средните претпријатија со цел подигнување на свеста за ИКТ.

Радевски одговори дека во делот за е-бизнис е определено обуката да започне во некоја голема компанија.

Фисник Марку, од ИТ секторот при Министерството за образование и наука забележа дека никој не сака Стратегијата да биде само превод на документите на ЕУ. Тој смета дека недостасува правилно снимање на тековните состојби и забележа дека министерствата воопшто не се консултирани иако тие се најголеми корисници на ИКТ. Според него текстот на Стратегијата е многу општ, без точни и прецизни информации, иако тие можат да се добијат од министерствата. Овие информации мора да постојат за да може да се изврши евалуација на постигнатото, односно да се знае од каде се почнало и што се направило. Тој забележа дека проектот ПР3.13 од пиларот е-влада треба да биде во е-образование. Исто така, Марку извести дека во сите средни училишта има компјутерски лаборатории опремени со компјутерите од кинеската донација, а се прават напори вакви компјутерски лаборатории да има и во основните училишта.

Во поглед на Акциониот план забележа дека треба да се дефинираат телата што ќе ги имплементираат проектите и запраша дали носител и имплементатор на проект е исто.

Макрадули се согласи со забелешките. Тој нагласи дека можеби сега Владата е најголем корисник на ИКТ, но тоа не смее така да остане. На забелешката за почетни индикатори Макрадули изјави дека Државниот завод за статистика спровел истражување за состојбата со ИКТ во Македонија, а резултатите ќе бидат објавени наскоро. Макрадули појасни дека носителите се монитори, а не имплементатори на проектите.

Сесилија Сан од УСАИД извести дека во наредните две години УСАИД ќе организира обуки за учители и наставници во 327 основни училишта во кои беше распоредена кинеската донација од 3.300 компјутери.

Пепи Бешка, генерален секретар на Народна техника на Македонија забележа дека невладиниот сектор е спомнат само на едно место во стратегијата, а тој е многу важен за развојот на ИКТ.
Макрадули го замоли Бешка да го напише тој дел.

Проф. Стојановска од Техничкиот факултет во Битола предложи да се развие text-to-speech апликација на повеќе јазици, на што Радевски одговори дека на ЈИЕ Универзитетот веќе е изработена таква апликација на албански јазик.

Бурим Садику забележа дека во таск-форсот се вклучени луѓе кои имаат и други обврски и можеби немаат доволно време да посветат на изработување на Стратегијата што би можело да го доведе во прашање нејзиниот квалитет и дека нема странски експерти кои ќе советуваат да не се повторат некои грешки од другите држави.

Макрадули одговори дека сите членови на таск-форсот се максимално ангажирани во изготвувањето на Стратегијата. Тој додаде дека како дел од проектот предвидено е формирање на координативно тело на донатори, а во март, кога Акциониот план ќе биде готов, ќе се одржи донаторска конференција и донаторите ќе одберат кој проект ќе го поддржат.

Лејла Абази- Беџети, асистент на ЈИЕ Универзитетот праша според кои критериуми се бирани носителите на проектите и зошто ЈИЕ Универзитетот не е вклучен. Макрадули одговори дека носителите се претставници од државните институции кои ќе имаат улога на монитори и дека акцентот е ставен на проектите.

Зоран Јаневски менаџер на проектот од УНДП изјави дека проектот е резултат на договор меѓу КИТ, Фондацијата Институт отворено општество-Македонија и УНДП. Тој додаде дека Фондацијата Институт отворено општество и УНДП имаат учествувано во над 40 слични проекти и дека се вклучени консултанти на УНДП, како и експерти од Естонија, Арво От и Ивар Тало, а 14 члена на таск-форсот престојувале во Талин, главниот град на Естонија.

На крајот дебатата ја затвори ректорот Абази изјавувајќи дека ЈИЕ Универзитетот може да се вклучи во овој проект и додаде дека ако во 20 век било важно менаџирање на времето, во 21 век најважно е менаџирање на средствата.