Мени

„Како се прават компјутерските игри“ во ООУ Никола Карев од Пробиштип – Европска недела на кодирање

 

code 1

На ден 09.10.2018 (вторник) со почеток во 11:30 часот во ООУ Никола Карев – Пробиштип, беше одржан јавен час на тема „Како се прават компјутерските игри“. Настанот беше организиран во рамките на Европската недела на кодирање за 2018 година (EU Code Week 2018). Часот беше одржан со ученици од петто одделение, а на истиот беа присутни и ученици од четврто одделение, повеќе наставници и стручната служба во училиштето. За настанот имаше интерес и од локалните медиуми, дел од часот беше снимен и прикажан на вестите од локалната телевизија ТВ Протел.

code 5

„Целта на часот беше визуелно да се прикаже како се прават компјутерските игри, дека за таа цел е потребно кодирање, програмирање, смислување смисла и дизајн на играта“ – изјави Марија Богатиновска која го организираше настанот. „Нашата игра беше „Бои и добивање на боите“ каде учениците имаа улоги на Коди (кодирач), Роби (робот-објект во играта), Деби (дебагирач, контролор) и записничар кој ќе ги пишува кодовите што ги кажува Коди“ рече таа.

code 3

Со учеството учениците дознаа кои се потребните елементи во креирањето на компјутерските игри. Не само децата што имаа конкретни улоги како што е наведено погоре, туку и останатите ученици беа објекти во играта-бои кои Роби ги движеше низ дадената шема. Играта имаше 4 нивоа. Учениците и присутните добија впечаток како се прават компјутерските игри, а воедно научија и сè за боите.

code 2