Во хотелот „Меркур“ во Тетово се одржа воведен настан на кој беше претставен новиот проект на „Метаморфозис“ за зајакнување на иновативниот туризам (Smart Tourism Enhancement Project STEP), кој ќе се реализира во соработка со Центарот за развој на Полошки плански регион и Советот на Округот Елбасан.

Станува збор за договор за грант на ИПА 2 од Европската Унија за прекугранична соработка преку кој Македонија и Албанија заеднички ќе развиваат иновативен туризам во Полошкиот и регионот на Елбасан.

На промотивниот настан на кој присуствуваа официјални претставници на локалните власти од двата региона и десетици туристички претприемачи, беше презентиран планот како во наредните две години ќе им се помогне на туристичките субјекти, пред сè, преку употреба на современи методи за промоција и употреба на нови технологии.

На настанот, покрај партнерите на проектот, претприемачи и претставници на локалните самоуправи, присуствуваше и словенечкиот амбасадор Милан Јазбец. Тој во воведната реч посака успешен старт, ја нагласи важноста на прекуграничната соработка, и посака Проектот, асоцирајќи на името – СТЕП, да напредува со големи чекори.

IMG_20180315_124029

Во име Фондацијата Метаморфозис, како иницијатор и носител на Проектот, се обрати директорот Бардил Јашари, кој рече дека областа на туризмот е предизвик за Фондацијата, но потсети и на мисијата на „Метаморфозис“ – подобрување на животот на граѓаните преку употреба на современите технологии.

Гостинот-претставник на Советот на Округот Елбасан – Букурош Стафа спомена дека голем број од локалитетите во зоната на Елбасан се малку или воопшто не се експлоатирани во поглед на туризмот и дека со помош на Проектот сите актери ќе добијат активна улога.

Фатмир Саити од Центарот за развој на Полошки плански регион, како партнери во проектот, напомена дека Центарот е веќе активен на полето на промоција на регионот и ги идентификуваше потребите на целните групи.

Воедно, пред присутните беа презентирани карактеристиките, целите како и очекуваните резултати на проектот.

IMG_20180315_123058

Во наредните две години преку поддршка на приватните и јавните туристички субјекти од двата региона ќе се работи на создавање и зголемување на капацитетите, подигање на стандардите на нивното работење, како и на интензивна обука за употребата на онлајн алатките во промоцијата на туристичките капацитети на регионалниот и светскиот пазар.

Во тој контекст, во рамките на Проектот ќе биде изработена и онлајн платформа за вмрежување и промоција на туристичката понуда од двата региона iTop.

Покрај можноста за директна размена на искуства, овој настан беше и почетна точка за креирање на СТЕП мрежата за сертифицирање на туристички субјекти од двата региони.

На настанот беа презентирани потенцијалните придобивки за малите и средните претпријатија, како и отворањето на можности за нови вработувања.

Сподели: