Мени

Проект МЕК: Средба на носители на одлуки од 4 пилот-општини

 

 

На настанот кој се одржа во ГЕМ-клубот во Старата скопска чаршија учествуваа општините:

  • Дебар, претставена од градоначалникот г. Аргетим Фида,
  • Гостивар, претставена од градоначалникот г. Руфи Османи,
  • Чаир, претставена од градоначалникот г. Изет Меџити и
  • Тетово, претставена од секретарот на општината г-а Дрита Мемети

како и претставници на општинската администрација, комисиите за односи меѓу заедниците (КОЗ) и претставници на националните и локални медиуми.

Четирите-пилот општини беа избрани од страна на Проектниот одбор на МЕК како резултат на јавен конкурс.

IMG00020-20100616-1036На настанот воведен збор даде претставникот на Метаморфозис, г. Филип Стојановски кој ја истакна важноста на инклузивниот пристап и уважувањето на потребите на сите граѓани, без разлика на тоа дали тие се во малцинство или мнозинство на национално или локално ниво. На тоа се надоврза претставничката на проектниот партнер ЗГ Заеднички вредности, г-а Хајрије Ахмед, која изврши концизна презентација на целите и предвидените активности на МЕК.

Конкретните  цели на проектот МЕК се подобрување на капацитетите на КОЗ со цел да станат поефикасни, да се зголеми нивната видливост и способноста за работа во рамките на нивните законски одредени надлежности, преку употребата на нови технологии. Предвидените активности опфаќаат обуки за човекови права, односи со јавноста и користење на нови технологии; потоа развој и користење на ресурси за е-учење и информатички систем со кој ќе се обезбеди институционална меморија за КОЗ.

Преку ИКТ алатките ќе се обезбеди споделување на искуствата, добрите практики и научените лекции со сите заинтересирани страни и во самите пилот-општини, како и со други општини од земјата.

IMG00046-20100616-1106По потпишувањето на меморандумите за соработка, градоначалникот на Дебар г. Фида во име на сите присутни претставници на единици на локална самоуправа го изрази своето задоволство од предвидените активности и заложбата за понатамошно унапредување на меѓуетничките односи, особено преку работата на КОЗ како дел од воспоставениот институционален механизам за исполнување на Охридскиот рамковен договр. Дополнително, тој изрази жалење поради малиот интерес за учество во проектот од страна на општини со мнозинско етничко македонско население.

Проектот МЕК е кофинансиран од Европска Унија и го спроведува Фондацијата Метаморфозис во партнерство со здружението на граѓани за поддршка на меѓуетнички дијалог и развој на заедницата Заеднички вредности од Скопје. Општините учеснички обезбедуваат нефинансиска поддршка во работата на проектот, обезбедувајќи услови за активностите со кои ќе се зголеми видливоста и можностите за комуникација на КОЗ и граѓаните од сите етнички заедници за прашања од нивна надлежност.

Критериумите за избор на пилот-општини опфаќаа низа параметри, почнувајќи од спремноста на општините за поддршка на активностите и нивниот капацитет, согледан преку информации за работата и искуство со спроведување проекти, составот и досегашната работа на КОЗ, како и можностите преку активностите да се овозможи поволно влијание во што поголем обем.