Мени

Награден конкурс за графички решенија за пораки против говорoт на омраза на Интернет

Метаморфозис, фондација за Интернет и општество распишува конкурс за графички решенија (илустрации) со кои сликовито ќе се претстават формите против говор на омраза на Интернет, со цел да се маркираат како појави и да се укаже на штетата која тие ја причинуваат на целото општество, а во рамки на иницијативата против говор на омраза на Интернет.   

Право на учество имаат сите граѓани на Р. Македонија, а на конкурсот ќе се доделат две награди: награда од жирито и награда од публиката за популарност.

  • Награда од жирито, во износ од 500 евра

Пристигнатите идејни решенија посебно ќе бидат оценувани од комисија составена од претставници на иницијативата против говор на омразаЌе се оценуваат идеата и иновативноста, а најкреативното решение кое ќе биде избрано од жири-комисијата ќе биде употребено како визуелни елементи на дизајнот на веб-сајтот nemrazi.mk, како и промотивни активности против говор на омраза на Интернет. 

  • Награда од публиката  за популарност, во износ од 200 евра

Сите пристигнати решенија ќе бидат објавени преку преку Фејсбук страницатаwww.facebook.com/nemrazi. Решението со најголем вкупен број „лајкови“ на илустрациите што ќе го сочинуваат ќе се смета за фаворит на публиката и ќе ја добие наградата за популарност. Секој обид за злоупотреба преку примена на лажни профили или автоматизирани скрипти ќе биде санкциониран од страна на организаторот на конкурсот.


Технички услови за учество за најдобро графичко решение:

Секое предложено графичко решение треба да содржи серија од најмалку шест (6) илустрации на тема „Стоп за говорот на омраза на интернет“ и тоа:

  • Една главна илустрација – лого која ќе ја одразува општата порака „Стоп за говор на омраза на Интернет“


Дополнително, графичкото решение треба да содржи најмалку пет илустрации кои ќе ги отсликуваат сите или дел од следните пораки:

  • Стоп за говор на омраза по етничка основа (припадност на етничка заедница)
  • Стоп за говор на омраза по национална основа (државјанство)
  • Стоп за говор на омраза по расна основа
  • Стоп за говор на омраза врз основ на род и/или пол
  • Стоп за говор на омраза врз основ на сексуална ориентација
  • Стоп за говор на омраза врз основ на религија
  • Стоп за говор на омраза врз основ на политичко и друго уверување


Илустрациите кои ќе го сочинуваат секое испратено решение треба да бидат во форма на серија од 6 до 8 посебни слики, со минимални димензии од 500 х 500 px, во .jpeg или .png формат, со вкупна тежина од најмногу 5MБ. 

Секој индивидуален автор може да учествува со повеќе од едно решение. Доколку еден автор учествува со повеќе графички решенија, тие треба визуелно значително да се разликуваат едно од друго. За секое предлог-решение треба да се прати посебна порака по е-пошта.


Начин на пријавување:

Идејните решенија треба да се испратат по е-пошта на адресата konkurs@nemrazi.mk, најдоцна до 10 март 2014 година (заклучно со полноќ). Испраќањето на пријави означува согласност на авторите дека ги прифаќаат сите услови на конкурсот. 

При испраќањето на пријавите авторите треба да наведат дали сакаат  нивното предлог-решение да биде објавено под нивното цело име и презиме или под псевдоним (шифра). 

За повеќе информации заинтересираните кандидати може да се обратат до Темјана Поповска преку е-пошта temjana@metamorphosis.org.mk или на телефонот 02/3109-325.


Временска рамка:

Пријавување за конкурсотнајдоцна до понеделник, 10 март 2014 година, заклучно со полноќ.

Пристигнатите идејни решенија ќе бидат изложени на Фејсбук страницатаfacebook.com/nemrazi од 11 март 2014 во 14 часот, до 17 март во 14 часот, при што публиката ќе може да искаже позитивно мислење за секое од нив преку лајкови на секоја од сликите. 

Одлуката за доделување на наградите на конкурсот ќе биде објавена најдоцна до вторник, 18 март 2014 година во 14 часот.


Напомени:

  • Организаторот на конкурсот се стекнува со правото на јавно изложување на сите пријавени дела и дополнително право на издавање на наградените дела.
  • Идејните решенија ќе бидат објавени со полно име и презиме или пак, по барање на авторот, под псевдоним.
  • Наградите ќе бидат исплатени во денарска противвредност, а сумите се бруто износи.
  • Личните податоци на пријавените кандидати остануваат познати само на организаторот на конкурсот и истите нема да бидат објавени без дозвола од авторот.
  • Авторите, учесници на конкурсот се согласуваат нивните предлог-решенија да бидат објавени на интернет со користење на лиценцата Криејтив комонс наведи-извор 2.5 Македонија, преку која се дава право илустрациите да бидат копирани, користени и преобјавувани од јавноста под услов да се наведе името и/или линк до авторот.
  • Добитниците на наградите се согласуваат до Метаморфозис да ги достават и работните датотеки (анг. source files) на награденото решение со цел да се овозможи евентуално модифицирање или превод на вметнат текст, потребни за нивна употреба на веб-сајтотnemrazi.mk, во печатени публикации и на други места  по избор на Метаморфозис.


Конкурсот за графички решенија против говор на омраза на Интернет, како проектна активност на Метаморфозис е дел од континуираната иницијативата против говор на омраза на Интернет, заеднички покрената од МОФ, Метаморфозис, Реактор и Центар за нови медиуми во декември 2012 година.