partneri

Од 28 до 30 октомви 2015 во Каен, Франција, Меѓународниот институт за човекови права и мир од Каен и Фондацијата „Метаморфозис“ од Скопје ќе ја одржат обуката на тема „Слобода на изразување и приватност на интернет“.

Обуката се спроведува во рамки на Програмата за децентрализирана соработка помеѓу Регионот Долна Нормандија и Република Македонија, со поддршка на Република Франција и АЛДА – Асоцијација на агенции за локална демократија. Таа е наменета за едукатори кои работат со млади на возраст од 15 до 25 години, со цел да им се обезбедат алатки за подобра едукација на младите за последиците од користење на интернет и другите дигитални технологии.

Обуката се заснова на педагошкиот прирачник „Слобода на изразување и приватност во дигиталната ера“, развиен и објавен од Меѓународниот институт за човекови права и мир и Фондацијата „Метаморфозис. Дигитална верзија на прирачникот на македонски и француски јазик е достапна и преку интернет.

prirachnici

 

Цели на обуката

  • Подигање на свеста за концептите на човековите права: слобода на изразување и приватност;
  • Обука на обучувачи за методите на неформална едукација за човекови права;
  • Градење на капацитетите на учесниците да го користат прирачникот и да спроведуваат активности за подигање на свеста и образование.

 

Агенда

Ден I

  • Вовед во човекови права
  • Слобода на изразување и приватност на интернет: концепт и главни прашања

Ден II

  • Слободата на говор и нејзините ограничивања
  • Едукација за човекови права (претставување на прирачникот и другите наставни помагала)

Ден III

  • Работилница за човекови права
  • Размена на искуства од Франција и Македонија

Во првите триесетина години од неговото постоење, Интернетот беше резервиран за мал број луѓе (влади, универзитети, компании…). Денес, оваа технологија сè уште не е достапна за сите луѓе, но се има проширено до степен директно да влијае на животите на над две милијарди жители на Земјата.

Дигиталната сфера донесе револуција во примената на човековите права и фундаментални слободи, меѓу кои најпрво се слободата на изразување и правото на приватен живот. Примената на овие технологии може да биде одлична алатка за промовирање на човековите права, но истовремено носат низа ризици кои особено произлегуваат од недоволно познавање на правилата кои владеат со нив.

Основно средство за соочување со ризиците е ширењето на знаењето. Затоа е неопходно сите корисници на интернет, а особено младите да се едуцираат, обучат и сензибилизираат за потенцијалите и ризиците од новите технологии. Ова е целта која си ја имаат поставено партнерите Меѓународниот институт за човекови права и мир и Метаморфозис, преку развојот на педагошкиот прирачник наменет за оние кои работат со млади и организирањето обуки за негово користење, процес кој започна во 2014 година и продолжува и во 2015. Овие активности се основ за развој на широка мрежа едукатори и активисти кои се залагаат за јакнење на свеста за човековите права на интернет, кои работат со наставници, родители и ученици во Македонија и Франција.

 

poddrzhuvachi

Сподели: