Мени

Најава: Панел дискусија за отвореност и транспарентност на институциите од Западен Балкан

На 19 јули, со почеток во 13.00 часот во Собранието на Република Македонија, ќе се одржи панел дискусија за отвореност и транспарентност на институциите од Западен Балкан. Оваа дискусија е дел од проектот ACTION SEE – Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа.

Целта на настанот е официјално претставување на насоки за институционална отвореност за секоја држава, како прв чекор кон поголема кампања за застапување која ќе промовира отвореност и добро владеење, а ќе се направи обид да се влијае врз државните институции на Западен Балкан со цел зголемување на нивната отвореност. Регионалната панел дискусија ќе биде отворена од Претседателот на Собранието на Р.М. г-дин Талат Џафери, како и Директорот на програмата за Западен Балкан на Вестминстер фондација за демократија, г-дин Емил Атанасовски.

Понатаму, претставници од 6 партнерски организации во проектот, кои ги спроведоа мерењата за Индексот на отвореност во 6 држави: Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина, ќе ги претстават состојбите во овие држави и насоките за подобрување на отвореноста во секоја од овие држави.

Дискусијата претставува втор настан за застапување во рамки на проектот Аction SEE, како и прва официјална презентација на насоките кои ги подготви проектниот конзорциум.

Покрај претставниците од граѓанските организации од регионот кои се дел од проектот, на панел дискусијата ќе присустуваат и пратеници од парламентите од регионот и Македонија, граѓански организации кои работат на активности поврзани со Собранието, високи претставници на меѓународни организации и амбасади во Македонија.

Проектот ACTION SEE се спроведува од страна на Мрежата ACTION SEE (Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа), мрежа на граѓански организации од регионот: Фондација Метаморфозис од Македонија, Центар за демократска транзиција (ЦДТ) од Црна Гора, Центар за истражување, транспарентност и отчетност (ЦРТА) од Србија, Здружение на граѓани Зашто не од Босна и Херцеговина, Вестминстер Фондација за демократија, Open Data Kosovo и Mjaft од Албанија, со финансиска помош од Европската Унија.