На 21 и 25 април, во рамките на проектот „Сајбер ангели чувари – безбедност на децата на социјалните мрежи и интернет од злоупотребата на личните податоци“, ќе се одржат трибини за онлајн заштита на приватноста и личните податоци наменети за едукација на учениците од основните и средните училишта од општините Дебар, Центар-Жупа и Маврово и Ростуше.

На првата трибина која ќе се одржи на 21 април во ОУ „Кемал Ататурк“ во Центар Жупа, ќе присуствуваат ученици од истото училиште како и од Гимнацијата „АТА“ од оваа општина. Истиот ден ќе се одржи и трибина во Домот на културата во Ростуше, каде ќе присуствуаат ученици од ОУ „Ѓорги Пулески“ и средното училиште „Маврово-Ростуше“ од регионот Маврово и Ростуше. Потоа, на 25 април, ќе се одржи трибина во Дебар наменета за учениците од ОУ ,,Братство единство“-Пенестиа, ОУ ,,Саид Најдени“, СОУ ,,Здравко Чочковски/28 Ноември“ и ОУ „Ристе Ристески“.

Учениците ќе имаат прилика да се запознаат со основните поими поврзани со приватноста и безбедноста на интернет, опасностите на интернет, како да ги препознаат и како да си ја заштитат приватноста и безбедноста на интернет.

Проектот „Сајбер ангели чувари – безбедност на децата на социјалните мрежи и интернет од злоупотребата на личните податоци“, е имплементиран од Центар за одржлив развој на заедницата Дебар во партнерство со Метаморфозис, а поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество. Главна цел на проектот е заштита и едукација на младите од злоупотребата на нивните лични податоци преку социјаните мрежи.

 

 

Сподели: