Настанот се случи во ЕУ Инфо центарот и беше во времетраење од час и половина. Агендата беше исполнета со разновидни и интересни содржини, особено бидејќи публиката ја сочинуваа деца кои одат во седмо одделение.

Настанот го отвори и го модерираше Елена Стојановска од Дирекцијата за заштита на личните податоци. Таа даде и куса презентација за чувањето и давањето на личните податоци, со особен акцент на фотографиите и означувањето на истите на сајтови како Фејсбук, без согласност од лицата кои се на нив. Во текот на презентацијата беа споделени примери, а случки раскажуваа и децата. На крајот од оваа презентација беа спомнати најчестите ризици кои произлегуваат од користењето на социјалните мрежи и беа дадени препораки за корисниците во вид на заклучоци.

Во склоп на оваа сесија, Ирина Шумадиева од Фондацијата Метаморфозис ги најави едукативните филмови кои обработуваат неколку теми од областа на безбедноста на децата на интернет и заштитата на нивната приватност: онлајн-измами, зависност од чет, сајбернасилство, зависност од игри и злоупотреба на мобилни телефони. Се работи за кратки филмови кои се изработени во партнерство со Детскиот Театарски Центар, а во рамките на проектот Полесно до приватност на интернет. По проекцијата на секое филмче, следуваше куса дискусија со децата, на секоја од темите.

За време на паузата, после 45 минутната сесија, децата имаа можност да ги играат игрите, развиени во рамките на истиот проект, кои заедно со кратките филмови, набрзо ќе бидат објавени на веб-сајтот www.bezbednonainternet.org.mk.

Втората сесија започна со една интерактивна вежба во која учествуваа самите деца, а имаше за цел метафорично да го претстави имањето или немањето доверба во луѓето што ги запознаваме онлајн. Потоа следуваше мини-презентација на веб-сајтот Безбедно на интернет, а на крајот Виолета Георгиевска од Интернет Хотлајн Провајдер – Македонија им зборуваше на децата, на темата: Што смееме, а што не смееме онлајн, од аспект на кривични, казниви дела.

Настанот беше посетен од 47 ученици од две скопски училишта, Кочо Рацин и Гоце Делчев, кои беа придружени од нивните наставници.

Во текот на овој настан, децата пополнија и кус прашалник во врска со нивните интернет-навики.

Резултатите од мини-истражувањето покажа дека 98% од анкетираните деца имаат пристап до интернет од дома, а 79% од децата имаат компјутер во својата соба. Исто така, 96% од децата имаат свој мобилен, преку кој 40% од децата користат интернет. Без да прашаат за дозвола, понекогаш фотографирале некого 26% од децата, а 21% се согласуваат дека им е полесно да им кажат на другите што мислат за нив онлајн.

Целосниот извештај од мини-истражувањето заедно со сите податоци се достапни за преземање во PDF.

Сподели: