Мени

Обележан Европскиот ден на заштита на лични податоци

Настанот го отворија директорот на Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП) Димитар Ѓеорѓиевски и Роберт Лидл, претставник на делегацијата на ЕУ.

Во фокусот на настанот беше презентацијата на шестиот водич на Фондацијата Метаморфозис, изработен во соработка со Дирекцијата кој ги обработува основните правни начела и чекорите за креирање добра политика за приватност и воедно го доближува самиот поим до граѓаните и до сопствениците на веб-сајтови.

Во последниот дел од настанот, на различни аспекти во однос на заштитата на приватноста на интернет и политиките за приватност како документ во таа насока се осврнаа комуникологот Сеад Џигал, Виктор Арсовски, уредник на порталот IT.com.mk, Ирина Шумадиева од Метаморфозис, Ангел Наковски од ДЗЛП и Александар Угриновски од Министерството за информатичко општество и администрација. Дискусијата се движеше во рамките на следните прашања: дали владините сајтови, особено оние кои нудат услуги треба да имаат политики за приватност, како онлајн медиумите треба да ги заштитуваат личните податоци кои ги оставаат корисниците кога коментираат, што значи добивањето согласност од корисниците за собирање и употреба на нивните лични податоци, дали можеби политиката за приватност како документ е во фаза на изумирање, како да ги упростиме политиките за да ги разбираат сите, вклучително и децата.

Беше презентиран и нацрт-кодексот за заштита на приватноста на интернет кој беше повод за понатамошната дискусија со публиката. Во публиката имаше претставници од невладините организации, од бизнис секторот и од медиумите.

Еден интересен заклучок кој го изнесоа говорниците е дека со напредокот на технологијата, сè повеќе ќе се појавуваат сајтови кои ќе бараат сè повеќе лични податоци заради нудење конкретни можности, па така предупредувањата ќе треба да се вградуваат во текот на пријавувањето за услугата или апликацијата. Тоа би биле кратки информации кои ќе ги информираат корисниците пред тие да се согласат на давање на конкретните лични податоци, каков што е на пример случајот со користењето на апликациите на Фејсбук.