Почитувани,

Најнапред, ви се заблагодаруваме за јавно искажаната поддршка на граѓанското општество и на неговите напори за унапредување на демократскиот развој на Република Македонија, кој не е можен без фер и слободни избори.

Се согласуваме дека Република Македонија има скршнато од патот кон демократијата и дека единствен начин да се врати на тој пат е исполнувањето на сите итни реформски приоритети кои ги вклучуваат и експертските препораки од „Извештајот на Прибе“.

Се согласуваме дека преостанува најголемиот дел од работата за исполнување на минималните услови за „веродостојни избори“: прочистување на избирачкиот список, спречување на сите видови заплашувања или притисоци на гласачите, како и обезбедување правично медиумско покривање. Сакаме да истакнеме дека не е доволен само извесен прогрес во изборните реформи, за да се создадат услови за надминување на политичката криза, туку е потребен и значителен прогрес во реформите и во другите сфери: владеењето на правото и фундаменталните права, деполитизирањето на јавната администрација и слободата на изразувањето.

Ние не бевме сведоци на вистински реформи кои требаше да доведат до создавање услови за надминување на политичката криза во Република Македонија, ниту на конструктивен политички дијалог меѓу власта, опозицијата и граѓанското општество.

Токму затоа над 85 граѓански организации на 14 и 28 јануари упатија писма до претставниците на ЕУ и САД барајќи ДА СЕ СПРОВЕДАТ ВИСТИНСКИ РЕФОРМИ ЗА ФЕР И СЛОБОДНИ ИЗБОРИ.

Почитувани,

Наша одговорност како граѓански организации е да укажеме дека не само што не е постигнат очекуваниот напредок во решавањето на проблемите посочени во писмата од 14 и 28 јануари 2016 година, туку се забележува и сериозно уназадување во владеењето на правото и поделбата на власта, изразена преку политичко самоволие и узурпација на законодавната и судската власт од страна на извршната власт. Едностраната одлука за распуштање на собранието со одложено дејство е неуставен чин, кој во исто време е и спротивен на принципите за консензус утврдени во договорот од Пржино. Згора на тоа, Уставниот суд, во крајно нетранспарентна и итна постапка, му овозможи на претседателот да помилува сторители на кривични дела во врска со изборите. Таа можност тој ја искористи на 12 април 2016 година и помилува 56 лица најголем дел од нив највисоки владини службеници меѓу кои и Никола Груевски- лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и неговите најблиски соработници. Ова укажува дека владејачката партија спроведува валкан план за целосно поништување на Договорот од Пржино, но и за темелно подривање на правниот и политичкиот систем на Република Македонија со само една цел- неказнето да продолжат да владеат во беззаконие.

Контроверзните одлуки на Кривичниот суд и Апелацискиот суд во врска со отворените истраги на Специјалното јавно обвинителство укажуваат на висок степен на зависност на судството од интересите на владејачките партии и на привилегиран третман на осомничените за изборен криминал.

Постојаните опструкции на работата на Специјалното обвинителство претставуваат упад во неговата независност во истражувањето и гонењето кривични дела поврзани и произлезени од содржината на неовластеното следење на комуникациите. Секојдневното попречување на работата на Специјалното јавно обвинителство, проследено со невидена медиумска хајка, оневозможи брза и ефикасна истрага за укажувањата за криминал, констатирани во Извештајот на Прибе.

Нема никаков напредок во парламентарниот надзор над УБК, чија концентрација на моќ беше посочена како главен генератор на скандалот со прислушувањето. Претседателот на Комисијата за надзор над работата на УБК изјави дека немале можност за суштинска контрола врз техничките капацитети во УБК затоа што не им биле доставени ни минимум информации за тоа каква опрема поседува. Претседателот на собраниската анкетна комисија за скандалот со прислушувањето ја прогласи за неуспешна работата на оваа комисија, посочувајќи дека причина за тоа се бојкотот и блокадата од страна на ВМРО ДПМНЕ.

Во борбата против политичката корупција (која беше оценета како најголем проблем во „Извештајот на Прибе“) нема видливи резултати, туку видливо назадување. Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата имаше скандалозен јавен настап со кој ги попречи напорите на медиумите да направат споредба помеѓу анкетните листови на поранешниот премиер, ставајќи се во улога на негов јавен бранител.

Граѓанските организации неодамна укажаа на многу случаи на притисоци врз лица вработени во јавните институции и лица кои допрва треба да се вработат. Зачестеноста и интензитетот на притисоците се зголемуваат со наближување на изборите. Во голем број општини е констатирано непочитување на принципот на одвојување на државата и партијата, злоупотреба на службената положба и злоупотреба на државни ресурси. Непочитувањето на принципот на одвојување на државата и партијата е најдрастично во однесувањето на поранешниот премиер, кој и понатаму ги злоупотребува државните ресурси, издавајќи им задачи на министрите, во функција на неговата предвреме започната кампања.

Владејачките партии продолжуваат да ја играат улогата на главен уредник на вестите во медиумите кои ги корумпираат и контролираат. Засилено продолжува политичкиот притисок и заплашувањето, како и говорот на омраза и поттикнувањето насилство не само спрема критичарите на власта, туку и спрема Специјалното јавно обвинителство. Владејачките партии одбија да расправaат за измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, иницирани од петте новинарски и медиумски организации и поддржани од Европската Унија и Соединетите Американски Држави.

Не се испочитувани ни конкретните експертски препораки кои требаше да овозможат и да гарантираат фер и слободни избори, затоа што: а) нема судска, ниту политичка разрешница за директното политичко влијание во изборните манипулации; б) ДИК (чие конституирање доцнеше четири и пол месеци) ги нема истражено обелоденетите нерегуларности од претходните избори; в) сè уште не се адресирани сите недостатоци што беа констатирани во избирачкиот список во кој граѓаните сè уште имаат ниска доверба.

 

Почитувани,

Во светло на општата аболиција од претседателот Иванов од 12 април, сметаме дека е неопходно итно повлекување на оваа одлука и поднесување на оставка од страна на Ѓорѓе Иванов, претседател на Република Македонија. Исто така, очекуваме повторно свикување на Собранието на Република Македонија и негова одлука за одложување на изборите на 5 јуни на неопределено време и ангажман за составување преодна влада која ќе ги спроведе потребните реформи пред одржувањето на кои било следни избори.

Влошувањето на политичката криза поради неисполнувањето на реформските приоритети длабоко нѐ загрижува и ние сме убедени дека инсистирањето на 5 јуни како датум за одржување на предвремените избори ќе придонесе за нејзино драматично продлабочување и оддалечување на Република Македонија од ЕУ. Затоа бараме од Вас да ја реафирмирате неопходноста од исполнување на итните реформски приоритети како предуслов за утврдување датум на избори.

Без исполнувањето на условите за слободни, фер и демократски избори, што подразбира нужно одложување на постојниот датум, ние како граѓански организации немаме друга опција освен да повикаме на бојкот на изборите доколку бидат распишани за 5 јуни и на протести против режимот кој продолжува да ги гази демократијата, човековите права и владеењето на правото во Република Македонија.

Со почит,

  1. Агро Баница – Баница, Струмица
  2. Агро Струмешница – Дабиле, Струмица
  3. Агросојуз – Василево
  4. Акција плус – Ресен
  5. Асоцијација за интернационална мобилизација
  6. Банка за храна Македонија
  7. Габарско здружение Региус – Струмица
  8. Граѓанска иницијатива АРСЕНА – Гевгелија
  9. Граѓанска иницијатива ГО САКАМ ГТЦ – Скопје
  10. Граѓанската иницијатива “Ние сме Карпош 4” – Скопје
  11. Еколошко друштво Планетум – Струмица
  12. Есперанца – Светски културен центар – Скопје
  13. Женски форум – Тетово
  14. Здружение Глобал – Битола
  15. Здружение за ДЕМОКРАТИЈА, ДЕБАТА, ДИЈАЛОГ, ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА – ПЛАН 4Д
  16. Здружение за економско-политички истражувања и анализи КВАНТУМ ПРИМА – Кавадарци
  17. Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ
  18. Здружение за заштита на граѓанските права Но Пасаран Скопје
  19. Здружение за заштита на културата на град Дебар “Деборус”
  20. Здружение за заштита на културниот идентитет на Египќаните ИЗИДА 41/21 – Ресен
  21. Здружение за култура и уметност “Сцена”
  22. Здружение за млади АДОЛУС – Струмица
  23. Здружение за млади, човекови права и демократија УФУК
  24. Здружение за развој и активизам АКВА – Струга
  25. Здружение Избор – Струмица
  26. Здружение Интернет Хотлајн Провајдер Македонија
  27. Здружение на балканските египќани во Македонија
  28. Здружение на балканските еѓипќани во Македонија
  29. Здружение на граѓани “Патокази” – Гевгелија
  30. Здружение на граѓани за промоција на женската активност Тиииит! Инк. – Скопје
  31. Здружение на граѓани за развој на културата и заштитата на културното наследство “Контекст” – Струмица
  32. Здружение на граѓани на текстилните и кожарските работници Тивко Мнозинство – Штип
  33. Здружение на граѓани Член 16
  34. Здружение НОВУС – Струмица
  35. Иницијатива за развој и инклузија на заедниците – ИРИЗ
  36. Иницијатива за спас на паркот 8 Ноември – Штип
  37. Иницијативен глас – Прилеп
  38. Институт за човекови права
  39. Јадро – асоцијација на независната културна сцена
  40. Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници” – Скопје
  41. Коалиција за одржлив развој (КОР)
  42. Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики
  43. КХАМ – Делчево
  44. ЛГБТИ Центар за поддршка
  45. Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата
  46. Македонски центар за европско образование
  47. Метаморфозис, Фондација за интернет и општество
  48. Младинска алијанса – Тетово
  49. Младински образовен форум
  50. Национален совет за родова рамноправност – СОЖМ
  51. НВО Инфоцентар
  52. Новинари за човекови права
  53. Организација на жени – Струмица
  54. Осми септември
  55. Платформа за граѓанска политика “Ајде!”
  56. Плоштад Слобода
  57. Прогрес – институт за социјална демократија
  58. ПРОЕКТ-ЕУ – Кавадарци
  59. ПРОФИЦИО- мултиетничка толеранција преку економски просперитет
  60. Радика-ДЕ – Дебар
  61. Регионален центар за одржлив развој – Кратово
  62. Ромски едукативен центар “Амбрела” – Скопје
  63. Синдикат на македонската дипломатска служба
  64. Сојуз на борците на Македонија
  65. Сојуз синдикат на земјоделски производители – Струмица
  66. Транспарентност Македонија
  67. Турско здружение YENI YILDIZ TURK DERNEĞI
  68. Фондација за локален развој и демократија „Фокус” – Велес
  69. Фондација Отворено општество – Македонија
  70. Форум – центар за стратегиски истражувања и документација
  71. Форум за истражување на безбедносни политики Секуритас
  72. ФРУ – Факултет за работи што не се учат / АКТО
  73. Х.Е.Р.А. – Асоцијација за здравствена едукација и истражување
  74. Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија
  75. Хуманитарно и добротворно здружение на ромската интелегенција АНГЛУНИПЕ – Тетово
  76. ЦДРИМ – Центар за демократски развој и иницијатива
  77. Центар за едукација и развој (ЦЕД) – Теарце
  78. Центар за истражување и развој на општеството ВИЗИО 2014
  79. Центар за меѓуетничка толеранција и бегалци – Скопје
  80. Центар за одржлив развој на заедницата – Дебар
  81. Центар за современи уметности
  82. Центар за стратегии и развој ПАКТИС – Прилеп
  83. ЏЕФ Македонија (Млади европски федералисти)
  84. Tribunus Civilis – Симболички суд на правдата на цивилното општество
  85. Vox Academica

Сподели: