Социјалните медиуми не се користат за интелектуални, туку за популистички пораки објавени кратко и јасно, што политичарите го користат како средство за себепромоција, велат американските новинари Џон Кокран и Барбара Кокран, на јавната дискусија „Можат ли социјалните медиуми да влијаат врз изборите во САД?“, што Фондацијата Метаорфозис, заедно со Американската амбасада во Скопје, ја организираше во ГЕМ клубот.

„Секој новинар во денешно време мора да биде активен на социјалните мрежи. Недостаток е тоа што секој што има Твитер и Фејсбук профил, кој што е влијателен и има голем број на следбеници може да стане објавувач. Добро е што луѓето можат да одберат кого да следат и кому да веруваат, но ова на некој начин е и опасно затоа што луѓето стануваат еднострано информирани“, вели Барбара Кокран, професор на Факултетот за новинарство во Мисури, а во својата богата новинарска кариера ги следела сите изборни циклуци во последните 24 години.

usmetamorphТаа додава дека републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, има поголема корист од социјалните мрежи затоа што е спонтан и објавува сам, додека демократската кандидатка Хилари Клинтон е внимателна и објавите ги смислува нејзиниот тим.

„Трамп е силен на социјалните мрежи, си изгради слика за себе и без политичко искуство освои номинација за претседателските избори. Тој твита сам, а тоа многу му помага во кампањата. Луѓето го сакаат тоа. Хилари, од друга страна, е многу внимателна и на социјалните мрежи е обратно од спонтана. Нејзините твитови се добро осмислени од нејзиниот тим, а тоа му оди во прилог на Трамп“, вели Барбара Кокран.

Брзината при објавувањето е и мана кај социјалните медиуми затоа што новинарите не секогаш се сигурни во она што го објавуваат, вели Џон Кокран, пензиониран телевизиски новинар.

„Социјалните медиуми не го уништуваат новинарството со сензационализмот, туку со информирањето за кое новинарите не секогаш се сигурни дека е точно. Но, никогаш не смеете да грешите. Најлошо е да објавите приказна која мислите дека е точна, а не сте доволно сигурни. Мора да бидете сигурни дека она што го објавувате е точно. Објавете први, но прво објавете точно (Get it first, but first get it right)“, вели тој.

Сподели: