Тркалезна маса јавни точки

На тркалезната маса, претставници од Македонија и Франција ги пренесоа своите искуства за улогата на јавните точки за пристап на интернет за поттикнување на активното граѓанско учество, промовирање отворено и транспарентно владеење како и за развојот на демократијата. По завршување на презентациите следуваше дискусија за размена на искуства меѓу земјите, како и предлози за идни проекти со кои ќе се овозможи соработка меѓу локалните точки.

Тркалезната маса ја отвори директорот на Фондацијата Метаморфозис, Бардил Јашари, кој покрај вовед во темата имаше и презентација за проектот „Дигитални клубови“, кој опфаќа 12 дигитални клубови на територијата на Македонија кои нудат голем број на активности и услуги за пристап до ИКТ од страна на жителите во заедницата, со цел поддршка на нивниот социјален и економски развој.

Мапа на дигитални клубови

Адријана Трендова од Фондација Институт отворено општество – Македонија го претстави проектот „Центри за поддршка на НВО“, чија цел е поддршка на иницијативи за развој на локалната заедница. Во рамките на проектот се отворени 12 центри, во различни градови од Македонија, кои служат за јакнење на граѓанското општество надвор од главниот град.

Небојша Радоњиќ, од организацијата Отворете ги прозорците, имаше презентација за важноста на инклузивноста и пристапна информатичка технологија, во која воедно ја истакна важноста од вклучување на лицата со хендикеп во е-општеството.

Претставникот на Министерството за информатичко општество, Ненад Митровиќ, го презентираше проектот „Светот на дланка“ – бесплатни интернет клубови, чија цел е да се намали дигиталниот јаз и да се зголеми интернет пенетрацијата и инклузијата во информатичкото општество на населението.

Сашко Ристовски, од општина Велес, го презентираше нивното искуство со дигиталниот клуб, како и улогата на пристапот на интернетот на локално ниво преку дифузираните канцеларии на општината.

Последни со своја презентација се преставија гостите од Франција, Мохамед Гелуси, Метју Веск и Жукен Керолин, кои го пренесоа своите искуства и начинот на функционирање на нивните дигитални клубови.

По завршувањето на презентацијата следуваше дискусија, на која се заклучи дека постојат многу можности за соработка помеѓу дигиталните клубови во Македонија и Франција, не само преку заеднички проекти, туку и за размена на искуства и знаења.

За време на престојот во Македонија, гостите од Франција посетија неколку дигитални клубови во Македонија, за кои направија кратки документарни филмови со администраторите на клубовите за нивната работа и цел. Видеата може да ги погледнете на профилот на гостите на DotSub.com.

Фотографии од настанот:

Сподели: