Мени

Одржана дискусија и работилница за добро владеење

img_20161013_133406

Фондацијата Метаморфозис денеска организираше дискусија и работилница за состојбата со доброто владеење со препораки за нејзино подобрување, на која присуствуваа повеќе претставници на граѓански асоцијации од соседството, од земјите од регионот Вишеград и од Македонија.

Во рамките на дискусијата претставници од граѓанскиот сектор од повеќе аспекти ја проценија моменталната состојба со доброто владеење или вклученоста на граѓаните во донесувањето одлуки во РМ, споделија свои искуства, добри практики и предложија начини за подобрување на механизмите за добро владеење во иднина со фокус на успешни ИКТ-алатки кои се покажале како најпрактични и најкорисни.

Заклучокот на дискусијата беше дека постојат многу инструменти и механизми со кои граѓаните и граѓанските организации можат да учествуваат и преку кои можат да придонесат во доброто владеење, но не ги користат затоа што не знаат дека постојат, а и не им се дава доволно време да ги искористат.

Бардил Јашари, директор на Фондацијата „Метаморфозис“, вели дека проектот Актион Вишеград СЕЕ, во чии рамки се одржа дискусијата, ќе придонесе зборот на граѓаните, преку новите технологии да биде посилен, потранспарентен, а државните институции да бидат поотчетни за да се зајакне демократијата.

action-see-vishegrad-2-860x680„Граѓаните се отсечени од процесот на донесување одлуки. Невладините организации треба да ги поттикнат граѓаните да ги користат инструментите и алатките, но треба да има и добра волја од страна на државните институции. Во Македонија има тенденција за намалување на довербата на граѓаните кон институциите, но, сепак, имаме причини да бидеме оптимисти затоа што државите вклучени во овој проект имаат европска перспектива“, вели Јашари, кој додаде дека македонските државни институции во моментов се многу затворени.

Гордана Димитровска од Министерството за информатичко општество и администрација посочи оти реформата на јавна администрација, која е во тек, треба да ги даде основите за да може се пресретнат предизвиците на доброто владеење.

„За пофалба е што имаме масовно вклучување на граѓанските организации во третиот Национален акциски план за отворено владино партнерство. Повеќе од 490 организации се вклучија, а имавме повеќе од 100 мерки кои ги имплементиравме“, вели Димитровска.

Покрај Јашари и Димитровска, на дискусијата присуствуваа и Висар Шеху од „ИКТ за промени“, Микал Шкоп од чешката „Коховолит“, Ивана Савиќ од ЦРТА – Србија, Дамир Незири од Вестминстер Фондацијата за демократија, Филип Чапароски од Националниот демократски институт, Чендреса Сулејмани од Центарот за развој и креирање политики, Натали Петровска од Коалицијата сите за правично судење и Борис Бркан од „Зошто не?“ – БиХ.

Овој настан е дел од проектот АКТИОН Вишеград СЕЕ, чија цел е промоција на динамично граѓанско општество, кое ефикасно ги мобилизира граѓаните за нивно активно ангажирање за прашања поврзани со доброто владеење и кое влијае на политиките и на процесот на донесување одлуки, како на национално, така и на регионално ниво во Западниот Балкан.