novinari1Втората обука се одржа во периодот 20-22 април, во просториите на Канал 77 во Штип на која учествуваа 11 новинари од оваа редакција. Веднаш по неа, во периодот 24-26 април, во просториите на Метаморфозис во Скопје, се одржа третата обука каде присутни беа 10 новинари од редакцијата на порталот Скај и од редакцијата на Канал 77 во Скопје.

Двете обуки траеја по 3 работни дена и опфатија теми како: напредно уредување содржини на веб, фотографирање и обработка на фотографии, снимање аудиовести и нивна обработка, креирање видеосодржини, авторски права, социјални медиуми и локални сервиси за промоција. Обуките се фокусираа на подобрување на вештините, презентација на софтвери и алатки, скроени според потребите на овие медиуми.

Подетално, обуката започна со едукација за работа на веб платформата Joomla. Новинарите научија како да уредуваат и објавуваат вести на нивниот веб-сајт, со цел да се овозможи поголема соработка меѓу новинарите, олеснување на работата и процесот на ажурирање на содржините на нивните веб-сајтови.

novinari2Во продолжение, учесниците имаа можност да направат неколку фотографии и да работат со софтверот за обработка на фотографии ACDSee за да создадат фотографија која потоа ќе ја постават во склоп на нивните вести, а се запознаа и со популарниот сервис за споделување и складирање на фотографии – Flickr. Исто така, секој учесник сними свој аудио запис и работеше со софтверот Sound Forge за да го обработи според зададените параметри. Во оваа сесија учесниците се запознаа со сервисот SoundCloud како уште еден начин за објавување аудиосодржини на веб.

Во следната сесија новинарите беа обучени како да го користат Windows movie maker за да создадат и обработат едно видео со цел да додадат мултимедијална компонента на нивните вести, но им беа презентирани и можностите кои ги нуди сервисот Youtube за објавување и доработка на видеосодржините. Со помош на Slideshare научија како да прават слајдкасти – комбинација од презентација и аудио подлога, која ќе им биде корисна во случаите кога нема да имаат видеоматеријал од некој настан.

Еден дел од тридневната обука беше посветен на концептот на авторски права и слободните лиценци Криејтив Комонс. За време на оваа сесија новинарите се запознаа со основните поими од областа на авторските права и нивната практична примена во дигитален контекст.

Последната сесија беше посветена на употребата на социјалните медиуми како алатка за промоција на нивните медиуми. Фокусот беше ставен на користењето на Твитер и Фејсбук за промоција на веб-содржини, интеракција со онлајн публиката и привлекување нова публика. Оваа сесија им овозможи на учесниците да се запознаат со основите на социјалните медиуми и интернет маркетингот и како да ги искористат стекнатите вештини за промоција на сопствени или туѓи содржини на интернет.

За време на овие 3 дена новинарите имаа можност практично да ги пробаат новите стекнати вештини и да вежбаат со помош на обучувачите, а обуката беше затворена со вежба која овозможи повторување на сите научени работи.

Обуката побуди голем интерес кај учесниците за понатамошно вклучување на обуки организирани од Метаморфозис, пред сè поради можноста за практична примена на стекнатите вештини, но и желбата да научат нешто повеќе за социјалните медиуми, промоцијата и маркетингот, фотографирањето и уредувањето содржини за веб.

Метаморфозис продолжува со имплементација на вакви обуки, па така, до крајот на годината ќе се одржат уште 7 вакви обуки со прилагодена програма според потребите на редакциите на медиумите, со што вкупниот број на обуки ќе достигне 10.

Досега со овие 3 обуки, обучени се вкупно 29 новинари. За време на првата обука која се одржа од 7-13 март, во просториите на фондацијата Метаморфозис во Скопје, беа опфатени вкупно 8 новинари од редакциите на Плусинфо и Порталб, порталот за дневно-актуелни содржини на албански јазик, кој стартуваше неодамна.

Сподели: