Мени

Одржани вики-маратони во Велес и Дебар

wiki-velesПрвиот маратон се одржа на 25 април со почеток во 17.00 часот во просториите на Фондацијата Фокус во Велес. На маратонот учествуваа 12 локални активисти од Велес, меѓу кои и претставници од ЦД Радио, Фондација Фокус, ЕД Вила Зора, ЈКП Дервен и ДМПМ Велес. Маратонот започна со кратка обука за користење на платформата wiki.mk. Учесниците потоа следејќи ги чекорите за поставување, уредување и ажурирање на текстуални содржини и фотографии, започнаа индивидуално да ги внесуваат претходно подготвените текстови и фотографии од различни области, користејки ги вики-алатките. За време на овој маратон учесниците поставија околу 25 статии од полето на културата и историјата на Велес и околината.

По маратонот во Велес, следуваше вики-маратон во Дебар, кој се одржа на 26 април со почеток во 14.00 часот во просториите за Центарот за одржлив развој на заедницата Дебар (Центар за култура). На маратонот присутни беа 16 учесници, волонтери, наставници, ученици од училиштето „Саид Најдени“ од Дебар, како и претставници од Центарот за оджлив развој на заедницата Дебар. За време на маратонот беа создадени 10-тина статии на албански и на македонски јазик. Учесниците се задржаа на надополнување на постоечките статии за градот Дебар со дополнителни корисни информации.

Веб-сајтот wiki.mk има за цел да го надополни недостигот од информации од локално значење – во повеќе општини во Македонија. Овие настани имаат за цел да ја промовираат вики-технологијата како евтино и ефикасно решение за овие проблеми, со поставување неколку вики-портали непосредно достапни на локалните заедници.

Засега функционираат 3 вики-портали за општините Скопје, Велес и Дебар, но содржините кои се дел од wiki.mk се однесуваат пошироко на Скопскиот, Вардарскиот и Југозападниот регион, како и на други општини низ земјата.

Во текот на наредниот период ќе се одржат уште 2 вики-маратони, на 4 мај со почеток во 14.00 часот во Центарот за одржлив развој на заедницата Дебар (Центар за култура) и на 9 мај во Фондацијата Фокус во Велес со почеток во 17.00 часот. Кон крајот на месец мај и почетокот на месец јуни, вакви маратони ќе се одржат и во Скопје.