meetup_open_data2

Фондацијата Метаморфозис и Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) одржаа Open Data meetup со претставници на граѓански организации и новинари на која беше претставена базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“ од аспект на отворени податоци. Средбата се одржа во вторник, 10 ноември во просториите на Coffice со почеток во 17:30 часот.

meetup_open_data6

Ристе Змејкоски од БИРН го претстави начинот на кој што функционира базата за проектот „Скопје 2014“, кои податоци ги вклучува и колку се тие ставени на располагање за понатамошна анализа и обработка. Мери Јордановска, пак, зборуваше за начинот на прибавување на податоци преку Законот за слободен пристап до информации и отвореноста на македонските институции.

meetup_open_data1

Инаку, базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“, опфаќа податоци за преку 130 објекти изградени во рамките на владиниот проект „Скопје 2014“, главно добиени преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Вкупната потрошена сума на буџетски средства за изградба на објектите од овој проект до сега изнесуваат повеќе од 620 милиони евра. Базата на податоци редовно се ажурира.

Присутните дискутираа за јавниот интерес за што поголем број отворени податоци во Македонија, потенцијалот и постојните иницијативи за поврзување на граѓанските организации и медиумите по овие прашања.
meetup_open_data7 

Средбата беше организирана во рамките на два проекти кои ги спроведуваат БИРН и Метаморфозис. Проектот „Мрежа на граѓански организации за отворени податоци“ го имплементира Фондацијата Метаморфозис во партнерство со Open Knowledge Foundation, со поддршка од Британската амбасада во Скопје. Проектот за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор, пак, го спроведува БИРН како дел од Програмата на УСАИД за јакнење на независните медиуми во Македонија.

Сподели: