Мени

Основана Мрежата за борба против говорот на омраза во медиумите во Република Македонија

Фондацијата „Метаморфозис“ е дел од долготрајниот процес кој на 30 јануари 2019 доведе до формирање на националната Мрежа за борба против говор на омраза. Основна цел на Мрежата е превенција на ширење на говорот на омраза во јавната сфера, зајакнување на професионалното и етичко вршење на новинарската дејност и подигнување на свеста на пошироката популација за негативните последици од говорот на омраза.

Фото: Борче Поповски

Фото: Борче Поповски

„Денеска е врвот на заложбите против говорот на омраза во медиумите. Во текот на 2018 година Европската комисија подвлече дека, законската рамка за ова прашање во Македонија е во ред но не се спроведува, особено во медиумите, и на Интернетот каде не се почитува новинарската етика. Мисијата на ОБСЕ е да се поддржи Охридскиот договор чија што цел е рамноправноста. Сигурен сум дека оваа мрежа ќе доведе до намалување на говорот на омраза, ќе ги анализира причините за настанување на говорот на омраза и за криминалот од омраза“, рече амбасадорот на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која.

Директорот на СЕММ, Марина Тунева изјави дека идејата на формирање на една ваква мрежа им дошла како резултат на жалбите кои ги примиле во врска со непочитување на новинарската етика од страна на медиумите.

Претседателот на Комисијата за жалби на СЕММ, Мирче Адамчевски изјави дека врз основа на жалбите кои им пристигнале во врска со говорот на омраза и дискриминација во медиумите, може да се заклучи дека голема улога во распространувањето на говорот на омраза има политиката.

Претседателката на Управниот одбор на СЕММ, Катарина Синадиновска порача дека говорот на омраза не треба само да се препознае, туку и да са казнува, но првин треба да се обучиме со цел истото да се спречи.

Фото: Борче Поповски

Фото: Борче Поповски

Потписници на декларицијата против говорот на омраза во медиумите и интернетот се: Министерството за внатрешни работи, Министерството за информатичко општество и администрација, Кабинетот на министерот без ресор задолжен за комуникации, отчет и транспарентност, Народниот правобранител, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Академијата за судии и јавни обвинители, Здружението на новинари на Македонија, Независен Сојуз на новинари на Македонија, Фондацијата „Метаморфозис“, Институтот за комуникациски студии, Македонскиот институт за медиуми, Центарот за развој на медиуми, Хелсиншки комитет, Коалицијата „Маргини“, Институтот за истражување на општествениот развој и Центарот за интеркултурен дијалог. Мрежата е отворена за заинтересираните страни кои сакаат да се придружат.