Во понеделникот, 18 април 2005, во присуство на многу заинтересирани жители, ученици од локалното основно училиште, претставници од различни организации како и бројни медиуми, свечено беше отворен дигитален клуб и во селото Богомила.

        Дигиталниот клуб Богомила се наоѓа во зградата на Домот на културата во самиот центар на селото. Во Богомила, која е оддалечена од Велес 50 километри, живеат околу 600 жители. По новата поделба на општините селото влегува во општина Чашка. Интересно е дека клубот почнува да работи во денови во кои, како што кажува месното население, Богомила се соочува со затворање на полициската станица, единствената аптека и неколку претставништва на јавни претпријатија. За дигиталниот клуб велат дека е единственото место за пристап до информации од поширок карактер.

        Во клубот ќе се одржуваат компјутерски курсеви, а ќе биде обезбеден и интернет пристап, можност да се играат компјутерски игри, да се печатат и скенираат материјали и сл. Клубот е отвoрен во рамките на проектот Дигитални клубови кој е спроведен и поддржан од Фондацијата Метаморфозис и Фондацијата Институт отворено општество Македонија, а локално проектот го спроведува Еколошката групација Грин Пауер од Богомила.

Сподели: