На 28 февруари 2005г., во село Ранковце, Кривопаланечко, започна со работа нов дигитален клуб. Клубот е отворен во рамките на проектот „Дигитални клубови“ кој е организиран и поддржан од Фондацијата Институт отворено општество- Македонија и Фондацијата Метаморфозис, а чија цел е надминување на дигиталниот јаз преку отворање на вакви клубови во средини каде не постојат интернет клубови или слични места во кои населението би имало контакт со компјутерската технологија.

Подносител на проектот од општината Ранковце е Организацијата на жени „Роза“ од с.Ранковце.

Клубот ќе го опслужува населението од 7 до 77 години од целата општина во која живеат околу 4.145 жители. Просторијата се наоѓа веднаш до општината и училиштето во кое учат деца од 23 околни села.

Во рамките на клубот ќе се одржуваат компјутерски курсеви, ќе се користат интернет услуги, ќе може да се играат компјутерски игри, како и да се печатат и скенираат материјали и документи.

На свеченоста присуствуваа претставници од повеќе организации од регионот, претставници на Метаморфозис, Центарот за поддршка на невладини организации од Кратово, како и претставници од неколку локални медиуми.

Веднаш по свеченото отварање започна и првиот час од курсот за користење на апликациите ворд и ексел.

Сподели: