Мени

Отворени податоци: Промовирани четири нови апликации

PromoWebApp

Претставниците на македонските граѓански организации, новинарите и општо јавноста од денеска може на лесен и едноставен начин да ги анализира електронските јавни набавки во земјата преку новата веб-апликација openprocurement.mk. Ова е само една од четирите веб-апликации со отворени податоци кои Фондацијата Метаморфозис ги промовираше денеска во ЕУ инфо центарот во Скопје.

Покрај системот за анализа на јавните набавки, кој го изработи граѓанската организација ИКТ за промени од Тетово, промовирана беше и веб-апликација која ги  анализира економските придобивки на Македонија од ИПАРД програмата, а беше изработена од стрнаа на Институтот за рурален развој на заедниците – ИРРЗА и може да се најде на irrza.mk.

Третата веб-апликација ratemy.bar ја подготви ЗИП институтот од Скопје а нејзината цел е да детектира позитивни и негативни практики во угостителските објекти во Македонија кои служат храна и пијалоци. 

И Коалицијата „Сите за правично судење“ изработија апликација за лесен пристап до податоците кои тие ги собираат од долгогодишното директно миниторирање на процедурите во македонските судови која може да се најде на otvorenosudstvo.org.mk.

Овие четири проектни идеи беа одбрани како најинвентивни и најкорисни на Конкурсот за поддршка на проекти поврзани со отворени податоци, кој беше објавен во јуни минатата година од страна на Фондацијата Метаморфозис во рамки на проектот Мрежа на граѓански организации за отворени податоци, кој го имплементира Фондацијата Метаморфозис во партнерство со Open Knowledge, а со поддршка од Британската амбасада во Скопје.

promowapp1Амбасадорот на Британија, Чарлс Едмунд Герет, кој присуствуваше на денешниот настан и прв даде фидбек за промоцијата на веб-апликациите, рече дека отворените податоци се нова област која има директно влијание врз граѓаните, но дека треба дополнително да се истражува.

„Отворените податоци имаат директно влијание на одлуките на луѓето кои секојдневно ги прават и тоа на значителен начин. Овие апликации кои денеска беа промовирани преку овој проект ќе го променат животот на луѓето. Многу сум задоволен сум од резултатите што ги постигнаа тимовите“, рече Герет.

Бардил Јашари, директор на фондацијата „Метаморфозис“ вели дека преку отворените податоци ќе се зајакне довербата помеѓу граѓаните и институциите, а тоа ќе придонесе да се зајакне демократијата.

„Овој проект придонесува директно во остарувањето на мисијата на Метаморфозис а тоа е поддршка и придонес во подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните, а овие четири апликации го прават токму тоа. Овој проект е многу важен во услови кога довербата кон државните институции е на многу ниско ниво. Проектот придонесува преку отварање на тие институции довербата на граѓаните да се зајакне“, вели Јашари.

Фондацијата Метаморфозис, како резултат на заедницата за отворени податоци која ја гради во рамките на овој проект, работи на уште една веб-апликација за споредба на активностите на политичарите и политичките партии на социјалните мрежи, поточно Фејсбук.

Оваа апликација веќе се изработува и ќе биде готова до крајот на овој месец. Целта е да се види како се однесуваат политичарите на социјалните мрежи во предизборниот период.

Целта на проектот „Мрежа на граѓански организации за отворени податоци“ е градење на капацитети на граѓански организации за промоција на отворена агенда, преку формирање на Школа за податоци – Македонија.

Проектот ги поттикнува граѓанските организации, медиумите и индивидуите кои поттикнуваат промени, да ги разберат и користат официјалните владини и другите отворени податоци со цел зголемување на одговорноста на владата, подобрување на испораката и услугите и зголемување на граѓанското учество во креирањето на политиките.

Целната група ќе се стекне со нови вештини кои ќе и помогнат во лоцирање, преземање, обработка, интерпретација и анализирање на податоци со цел наоѓање на докази, креирање на визуализации и пренесување на приказни со кои ќе ги поткрепат своите аргументи при залагањето за подобри услуги и политики.