Фондацијата Метаморфозис организираше панел за можностите што ги нудат отворените податоци за невладините организации и компаниите во Македонија. Директорот на фондацијата, Бардил Јашари изјави: „концептот на отворените податоци е непознат во Македонија и токму тука ја гледам улогата на невладините организации за подигнување на свеста за потенцијалот што го имаат отворените податоци за невладиниот сектор, компаниите, но и за медиумите и државните иснтитуции, како и за организирање обуки за користење на отворените податоци и претставување на начин кој што е разбирлив за граѓаните. Обработката на овие податоци ќе создаде нови знаења со што ќе се зголеми и нивната вредност и ќе се придонесе за зголемување на ефикасноста во работата на невладините организации“.

DSC_1068

Концептот на отворените податоци се заснова врз идејата дека одредени податоци, особено тие со кои располагаат државните институции, треба да бидат слободни, достапни и на располагање за сите кои што сакаат да ги употребуваат, без ограничувања за авторски права, патенти и други контролни механизми.

Понатаму тој истакна дека „пристапот до овие податоци ќе го поттикне развојот на иновативни решенија и развојот на разни апликации за паметни телефони и за веб, со што ќе се зголеми бројот на квалитетни услуги кои што ќе им се нудат на граѓаните по електронски пат, како на пример апликациите на Open City.

DSC_1099

Фондацијата Метаморфозис веќе има двегодишна соработка со Open Knowledge Foundation и во рамките на оваа соработка ќе им се помогне на невладинит организации во градењето на нивните капацитети за користење на отворените податоци и ќе се подржат проекти што ќе имаат за цел зголемување на транспарентноста и отчетноста на државните институции на локално и државно ниво. Проектот е финансиран од Foreign and Commonwealth Office.

DSC_1112

Милена Марин од Open Knowledge Foundation го истакна значењето на отворените податоци за зголемување на транспарентноста на државните институции: „во едно демократско општество, граѓаните имаат право да знаат како и што работи нивната влада. Затоа, тие треба да имаат слободен пристап до податоците и информациите со кои располагаат државните институции. Транспарентноста не се однесува само на овозможување пристап до податоците, туку и на нивното споделување и повторна употреба – за да се разберат подобро информациите објавени од страна на владата, често се случува тие да треба да се анализираат и да се претстават на визуелен и разбирлив начин, особено за да може да се споделат и слободно да се употребат повторно“.

На овој настан, министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, за првпат го промовираше вториот акциски план за ОВП 2014-2016 и наведе дека наскоро ќе се формираат првите работни групи помеѓу секторите за развој на планот.

DSC_1058

Еленор Стјуарт од Foreign and Commonwealth Office го сподели искуството на Обединетото Кралство за тоа како отворените податоци помагаат во унапредување на образовниот и здравствениот систем и за сигурностa на заедниците. Од друга страна, Марко Фиорети, истражувач од Италија, говореше за важноста од учењето за отворените податоци и нивната употреба.

Панелистите од Македонија, Адријан Бесими од УЈИЕ и Влора Адеми од Microsoft, се фокусираа на придобивките од отворените податоци и бизнис иновациите.

Настанот беше организиран од Центарот за истражување и креирање на политики (ЦИКП) и Мрежата на Институтите за анализа на политики (ПАСОС) во рамките на проектот “Застапување за отворена влада”, финансиран од Европската Унија, со поддршка од Амбасадата на Обединетото Кралство во РМ.

Презентациите на некои од панелистите може да ги преземете на следните линкови:

Сподели: