Мени

„Пикодемократија“ – од мали капки до голем бран на демократизација

На граѓаните треба да им се овозможи да го дадат своето мислење за сè што ги засега за да можат да учествуваат во процесот на носење на одлуките. Со тоа, се зајакнуваат односите меѓу институциите и граѓаните, како и меѓусебната доверба. Кога граѓаните учествуваат во носењето на одлуките, тие чувствуваат и повеќе одговорност за нивното спроведување. Истовремено, и бараат одговорност и отчетност од институциите.

DON_5996

Вака на денешната промоција на мобилната апликација Picodemocracy, програмскиот директор на Фондацијата Метаморфозис, Филип Стојановски, ја објасни потребата од една ваква апликација. Отворајќи го настанот, Стојановски објасни дека идејата на алатката е да овозможи спроведување на анкети во вид на мини-референдуми.

„Се поставуваат едноставни прашања на големи групи на граѓани од страна на државни тела, општини, НВО, медиуми, со цел брзо и ефикасно да се добие мислење по одредени прашања“, вели Стојановски. Тој додаде оти приватноста на граѓаните е заштитена, тие не ги оставаат своите лични податоци при инсталација на апликацијата, а одговорите во вид на ДА и НЕ, се даваат во збирна форма.

„Ваквиот вид на анкетирање на граѓаните одговара на еден вид crowdsourcing, односно користење на групи за да се дојде до одредено решение, или вид на колективна мудрос“, вели Стојановски. Според него, исклучително битно за успешноста на оваа апликација е што повеќе граѓаните да бидат вклучени. Таа е двојазична, односно може да се користи на македонски или на албански јазик, а резултатите од анкетите може да се споделат на социјалните мрежи. Сите заинтересирани можат бесплатно да ја инсталираат апликацијата на мобилни телефони со оперативен систем Андроид или ИОС на Ајфон.

„Пико значи мало, па според тоа, идејата е да тргнеме од мали капки кои би го создале големиот бран на демократизација“, рече Стојановски.

Дамјан Здравев од Реактор – Истражување во акција, посочи оти нивните истражувања покажале дека 60 проценти од граѓаните сметаат дека полесно ќе можат да влијаат ако мислењето за одредени политики го дадат онлајн или преку електронска пошта.

„Воедно младите, кои се сметаат за незаинтересирана и неактивна група, најмногу ги користат интернетот при искажувањето на своето мислење. Токму затоа, сметам дека оваа апликација ќе биде најкорисна за да се потенцира нивното мислење“, рече Здравев.

Директорот на Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), Бојан Маричиќ се согласува дека граѓаните и НВО сè помалку имаат доверба во институциите.

„Но, сметам дека со поголемиот интензитет на активизмот, неформален и формален, ќе се врати довербата дека тие можат да променат некои работи. И преку институциите, и во институциите“, вели Маричиќ. Тој во својата презентација го објасни ИПА механизмот како форма на граѓанско учество.

Инаку, апликацијата Picodemocracy е развиена како дел од проектот Акциска мрежа за добро владеење, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис, во партнерство со МЦЕО и Реактор – Истражување во акција, а со финансиска поддршка од Европската Унија. Проектот има за цел подобрување на вклученоста на граѓанското општество во креирањето на јавното мислење, креирањето политики и учеството во механизмите за донесување одлуки, како и зголемување на капацитетите на граѓанското општество за справување со важни општествени прашања.