Мени

Порталот за отворени податоци е добар исчекор, но за целосна транспарентност има уште многу работа

Креирањето и пуштањето во употреба на новиот портал за отворени податоци на Владата на Република Северна Македонија е добар исчекор, кој дава јасен сигнал за посветеноста на транспарентноста. Но за да се забележат вистинските потенцијални придобивки, потребно е да се отворат податоци кои ќе овозможат создавање нови производи и услуги од страна на институциите, граѓанскиот сектор и бизнисот.

Неоспорлив факт е дека во Владата постои политичка волја и посветеност за спроведување на политиките за отвореност и транспарентност, што, како што вели британската амбасадорка Рејчел Галовеј, произлегува и од самото членство во „Отвореното владино партнерство“.

Амбасадорката Галовеј посочува дека покрај новиот портал, кој патем е помогнат од страна на Амбасадата на Обединетото Кралство во Скопје, изработен е и граѓански буџет, а креирана е и стратегија за отворени податоци, која треба да се спроведе.

‘Транспарентноста треба да биде постепено вкоренувана во општеството. Со плаќањето даноци ,граѓаните инвестираат во владите, кои потоа треба да покажат резултати – вели Галовеј додавајќи дека „понекогаш заради безбедносни причини, информациите треба да останат заштитени – но само таквите информации“.

Таа потенцира дека граѓаните треба да знаат што прави владата во нивно име а „тоа може да се направи само со целосна отвореност и транспарентност во врска со начинот и причините заради кои се носат одлуки, како тие одлуки се ставаат во пракса и кои се ефектите на тие политики“.

Од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), сметаат дека отворањето на порталот за отворени податоци влијае позитивно врз подобрување на услугите и ефикасноста на администрацијата, но влијание и на евро-интегративните процеси.

Според Гордана Гапиќ-Димитровска од МИОА, отворањето на податоците е само половина од битката.

-Податоците сами по себе најчесто не ни укажуваат на ништо, сè додека не се презентирани на соодветен начин – вели таа.

Затоа, додава Гапиќ – Димитровска, владата планира во соработка со бизнис заедницата да работи на визуелизации на податоци и да креира апликации од отворените податоци со што дополнително ќе се стимулира економијата.

Во моментов, неколку месеци откако е онлајн, на порталот се објавени 190 отворени податочни сетови од повеќе од 40 институции.

-Ова е само почеток, и бројот на податоците постојано се зголемува. Институциите стануваат свесни за важноста од отворање на податоците, во секоја институција имаме задолжен офицер за отворени податоци – вели Гапиќ – Димитровска, додавајќи оти МИОА активно и посветено работи на промена на културата на владата и администрацијата, со цел целосна отвореност и транспарентност.

Дека треба да се работи на промена на културата се согласува и извршниот директор на Фондацијата Метаморфозис, Бардил Јашари. Тој смета дека „паралелно со градењето свест дека податоците им припаѓаат на граѓаните а не на институциите, на вработените во државните институции треба да им се помогне да ги идентификуваат и отвораат релевантните податочни сетови“. Јашари посочува дека во овој процес може да помогне и граѓанскиот сектор, што е дефинирано во самата стратегија за отворени податоци.

Тој потенцира дека порталот е добар исчекор, но за да се забележат придобивките од отворањето на податоците кои се во сопственост на државните институции има уште многу работа.

-Освен подигањето на свеста за тоа што се и како може отворените податоци да се користат за придобивките да станат опипливи, треба да се отвораат податоци кои ќе овозможат создавање на нови производи и услуги од страна на институциите на државата, граѓанскиот сектор и бизнисите. Не помалку важна придобивка е и зголемувањето на довербата кон институциите, а тоа може да се постигне и почувствува само доколку податочните сетови што се отвораат се релевантни за граѓаните, бизнисите, медиумите и граѓанските организации – додава Јашари.

Давајќи пример за добра искористеност на отворените податоци, британската амбасадорка Рејчел Галовеј посочи дека според Британскиот институт за отворени податоци, 270 компании и организации од Обединетото Кралство произведуваат или инвестираат во отворени податоци како главна карактеристика на нивната работа. Дури 70 отсто од овие компании користат податоци од британската Влада како на пример: Агенцијата за животна средина, Метеоролошкиот завод и Националната здравствена служба.

-Податоците и дигиталните вештини се сегашната и следната индустриска револуција. Се надеваме дека нашата поддршка за проектот „Училишта на 21-от век“ за користење на уредите Микро:бит во сите основни училишта во Северна Македонија и програмата која ја развиваме со Комората за информатичка технологија на Северна Македонија и Националниот младински совет за дигитални вештини за младите ќе ја инспирира следната генерација во дигиталната сфера и користењето отворени податоци за доброто на сите нас – вели Галовеј.

Меѓу останатите примери на организации кои користат отворени податоци на сосема поинаков начин се:

CarbonCulture – платформа која им помага на луѓето и организациите да ги користат ресурсите на поделотворен начин, а со тоа да го намалат отпадот и да заштедат пари.

Arup – глобална инженерска консултантска фирма која користи отворени податоци што играат клучна улога во нивната работа.

FoodTrade – онлајн платформа која спојува над 1.600 локални производители на храна со потрошувачите за да ја мапира понудата и да промовира транспарентност во секторот храна.

OpenCorporates е најголемата отворена база на податоци на компании во светот, која содржи информации за повеќе од 100 милиони компании во повеќе од 115 јуриздикции.

(Овој текст е изработен во рамки на меѓународната инцијатива за одбележување на Неделата на отворена влада#OpenGovWeek)