Ние, граѓанските организации од Платформата за борба против корупција по повод 9 декември Меѓународниот ден за борба против корупцијата се придружуваме кон глобалната кампања на Обединетите Нации под мотото „Обединети против корупцијата”.

Во периодот кој следи, има потреба од одлучна и непоколеблива борба против корупција. Според извештајот на Европската комисија, корупцијата претставува една од пречките на заедничкиот пат кон европската интеграција на земјата. Скоро секој трети граѓанин е изложен на притисок за некоја форма на административна корупција, а три од секои четири граѓани сметаат дека во Македонија има распорстранета корупција. Истовремено, постои континуиран недостаток на волја кај надлежните институции да се справат со високата корупција и да покренат истраги за индиции за вклученост на високи функционери во коруптивни активности.

Оттука ги повикуваме:

  • Политичките партии кои ќе победат на изборите и оние кои ќе бидат во опозиција, заеднички и сериозно да се зафатат со решавање на овој проблем во идниот состав на Собранието.
  • Јавните обвинителства и судовите на Република Македонија на поефикасна борба со корупцијата.
  • Државната комисија за спречување на корупцијата ефективно да ги спроведува своите надлежности во надзор на антикорупциските активности на сите јавни институции.
  • Новинарите да ги интензивираат истражувачките стории како една од значајните алки во борбата против корупцијата.
  • Граѓаните и граѓанските организации заеднички и проактивно да делуваат во сузбивањето на корупцијата и пружање отпор кон нејзиното прифаќање како општествена норма.

Борбата против корупцијата е општествено прашање и ќе зависи од интегритетот на сите чинители во општеството, на нас како поединци и на институциите кои се вклучени во овој процес. Граѓаните на Македонија заслужуваат ефикасни и институции со интегритет за да уживаат во општество во кое ќе владее правото.

Честит Меѓународен ден на борба против корупција.

Платформата на граѓански организации за борба против корупција е основана на 9 декември 2014 год. од страна на 15 граѓански организации: Асоцијацијата за демократски иницијативи, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје, Истражувачкиот центар за граѓанско општество, Коалицијата „Сите за правично судење“, КОНЕКТ, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Метаморфозис, МОСТ, Охрид Институт, Транспаренси Интернешнл Македонија, Транспарентност Македонија, Фондацијата Отворено општество – Македонија, Форум ЦСИД, Центарот за граѓански комуникации и Центарот за истражување и креирање политики.

Платформата цели кон проактивно, динамично и оспособено граѓанско општество кое ќе игра значајна улога во борбата против корупцијата.

Сподели: