Мени

Повик до Државната комисија за спречување на корупцијата да го почитува законот

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата упатува јавен повик до Државната комисија за спречување на корупција да го почитува Законот за спречување на корупција врз основа на кој е формирана.  Спроведувањето на тој Закон е нејзина основна надлежност и грижа, а сѐ со цел да го заштити јавниот интерес.

Платформата ја оценува како несоодветна изјавата на претседателот на ДКСК. Неговата постапка со која на прес конференцијата одржана на 6 април 2016 година дозволи само делумен увид во анкетниот лист на поранешниот претседател на Владата на Република Македонија е без законска основа.

Со членот 35 од Законот кој носи наслов „Јавност на анкетниот лист“ e уредено дека податоците од анкетниот лист претставуваат информации од јавен карактер, освен податоците заштитени со закон. Тие треба да се објавуваат на веб страницата на Државната комисија за сите лица наведени во членот 33 став 1.

Платформата укажува дека Законот не содржи одредба со која се уредува:

(а) дека анкетниот лист ќе биде симнат од веб страницата на Државната комисија по престанокот на функцијата;

(б) дека анкетните листови кои согласно законот треба да се достават во рок од 30 дена по престанок на функцијата, нема да бидат објавени.

Ја покануваме Комисијата да ги објави анкетните листови на сите членови на Комисијата, бидејќи член 50-а недвосмислено укажува дека секој член на Државната комисија има обврска да го достави анкетниот лист и пријавата за промена на имотната состојба и до Државната комисија заради објавување.

Платформата ја потсетува ДКСК и целата јавност дека информациите во анкетните листови се од јавен интерес, а потребата од увид во овие информации не треба никому посебно да му се објаснува и образложува.

Во оваа прилика исто така, Платформата ја повикува ДКСК да не ги симнува од веб страната тековните податоци и да ги објави сите анкетни листови за промена на имотната состојба за последниот пратенички состав, кои ќе бидат доставени во рок од 30 дена по распуштањето на Парламентот на 7 април. Истото да го направи и по престанокот на функцијата на актуелната Влада.

На крај би сакале да ја информираме јавноста за нашата загриженост од односот на Државната комисија за спречување на корупцијата која и натаму продолжува со своето изолирано и нетранспарентно работење. Со ваквиот пристап кон работењето и односот кон јавноста Комисијата  како независен државен орган со широка надлежност и овластувања за постапување во областа на борбата против корупцијата и нанесува штета на угледот и довербата во интегритетот на овој орган.

За повеќе информации во врска со рекацијата можете да ги контактирате Слаѓана Тасева на телефон: 070/342-961или на е-маил: staseva@transparency.mk.

Скопје, 12 април 2016 г.

 

Членки на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата 

clenovi na platformata na graganski organizacii za borba protiv korupcijata