Денеска, Прајваси интернешнал и Метаморфозис писмено се обратија до властите во Македонија за да добијат информации во врска со владиниот надзор во Македонија и повикуваат на гаранции за заштита на приватноста и воспоставување механизми од страна на државните институции што ќе спречат злоупотреби.

Повеќе од две години, Македонија беше во продолжена и длабока политичка криза – за чие време се случија големи протести и чинови на насилство врз парламентарците – придружена од извештаи дека владејачката партија незаконски ги прислушувала телефонските разговори на околу 20.000 луѓе, меѓу кои активисти, новинари, судии, дипломати, лидери на опозицијата, па дури и членови на самата влада.

Активистите и новинарите кои добија снимки од нивните приватни телефонски разговори, за Прајваси интернешнал раскажаа како нивните животи биле засегнати, нивната работа поткопана и како нивните мрежи и извори биле ставени на ризик. Нашиот извештај анализираше како „директниот пристап“ до телекомуникациските мрежи од страна на УБК – олеснет од телекомуникациските оператори и надзорни компании – довел до незаконското прислушување.

Директниот пристап“ е склон кон злоупотреба; општо, тој опишува ситуации во кои агенциите за безбедност се директно поврзани со телекомуникациските мрежи за да добиваат дигитални содржини и податоци за комуникациите, често без претходно известување или судско овластување и без инволвирање и знаење на мрежниот оператор.

По разоткривањето на настаните во Македонија, се потпиша договор помеѓу политичките партии со посредство на ЕУ, што водеше до распуштање на владата и нови избори, кои конечно во мај 2017 резултираа со нова коалициона влада. Во својата работна програма за периодот 2017-2020, новата влади изрази јасни заложби за воведување механизми за подобрување на внатрешната и надворешната контрола над работата на полицијата и сервисите за безбедност, и за претставување нови заштити против своеволен надзор.

Како резултат на тоа, Прајваси интернешнал и Метаморфозис праќаат брифинг за „директниот пристап“ до македонските надзорни и владини тела, и ги повикуваме властите да одговорат дали ќе ги спроведат реформите и дали ќе воведат итни заштити против истиот.

Писмото е испратено до претседателот на Владата на Република Македонија, Народниот правобранител на Република Македонија и Комисијата за надзор над работата на управата за безбедност и контраразузнавање и на агенцијата за разузнавање. Копија од писмото е испратена до делегацијата на ЕУ и до Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, кои играат влијателна улога во Македонија – официјална земја кандидатка за пристап во Унијата.

Сподели: