Maraton2006 На 2 јули заврши Преведувачкиот маратон на кој се преведуваше помошта на светски познатиот канцеларискиот софтвер Опен офис. Маратонот се одржуваше во просториите на фондацијата „Метаморфозис“, а организатори беа „Метаморфозис“ и НВО „Слободен софтвер Македонија“ . Маратонот беше продолжение на Преведувачкиот маратон којшто се одржа од 16 до 18 септември 2005 година и на кој беше преведен корисничкиот интерфејс.

За време на маратонот десет волонтерски тимови составени од преведувачи и информатичари преведоа околу 5 000 низи од помошта на Опен Офис. Моментално се преведени скоро 40% од помошта. Преводот на помошта, еден од малкуте во светот, ќе обезбеди поголема можност за граѓаните кои не го владеат англискиот јазик да ги користат придобивките на модерните компјутерски технологии. Софтверот ќе може да се симнува преку интернет (mk.openoffice.org ) или да се добие во пакет со упатство на ЦД.

Опен офис е најново издание на бесплатниот и висококвалитетен софтвер за канцелариско работење со којшто се врши: пишување и форматирање текст, табеларни пресметки, цртање, креирање бази на податоци и презентации. Тој ги поддржува сите формати на документи за канцелариски апликации, а неговиот основен формат е во завршна фаза да биде прифатен како ИСО стандард.

Сподели: