На 19 јули, во Собранието на Р.М., во рамки на проектот ACTION SEE – Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа, се одржа презентација на насоките за добро владеење на државните инстутиции во земјите од Западен Балкан, со посебен акцент на отвореноста на парламентите од овие држави.

Настанот го отвори претседателот на Собранието на Р.М. Талат Џафери, кој изјави дека како Претседател на Собранието, една од неговите приоритетни задачи е токму јакнењето на транспарентноста на работата на Парламентот, пратениците и собраниската администрација. Воведен говор имаше и Емил Атанасовски, од Вестминстер фондација за демократија, а потоа свои презентации имаа претставници од организациите кои го имплементираат проектот и го спроведоа истражувањето во 6 држави, и тоа, Фондација Метаморфозис од Македонија, која воедно е и координатор на проектот, Центар за демократска транзиција (ЦДТ) од Црна Гора, Центар за истражување, транспарентност и отчетност (ЦРТА) од Србија, Здружение на граѓани Зашто не од Босна и Херцеговина, Вестминстер Фондација за демократија, Open Data Kosovo и Mjaft од Албанија.

DSCN0006

Претставникот од Фондација Метаморфозис изјави дека резултатите од истражувањето покажуваат дека Македонија рангира последна во регионот во поглед на индикаторите за пристап до информации. Собранието е најотворено во споредба со другите институции од Македонија, но под просекот во однос на другите парламенти во регионот.

Милена Гвозденович од Црна Гора изјави дека отвореноста на извршната власт од оваа земја е најголема во регионот. Дополнително, отвореноста зависи од одговорните личности во институциите, но тоа не е системски решено.

Во рамките на овој проект во тек е изработка на патокази за институциите кои ќе содржат практични упатства за подобрување на отвореноста, а се базираат на документите кои ги анализираат состојбите со отвореноста на извршната власт, Парламентот, судството и локалната самоуправа.

DSCN0037

На овој настан беа присутни 60 претставници од граѓанскиот сектор, пратеници од Собранието на Република Македонија, пратеници од Црна Гора, пратеници од Босна и Херцеговина, и претставници на медиумите.

Проектот ACTION SEE се спроведува од страна на Мрежата ACTION SEE (Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа), мрежа на граѓански организации од регионот: Фондација Метаморфозис од Македонија, Центар за демократска транзиција (ЦДТ) од Црна Гора, Центар за истражување, транспарентност и отчетност (ЦРТА) од Србија, Здружение на граѓани Зашто не од Босна и Херцеговина, Вестминстер Фондација за демократија, Open Data Kosovo и Mjaft од Албанија, со финансиска помош од Европската Унија.

 

Сподели: