Мени

Пристапот на Метаморфозис кон борбата против домашните и меѓуграничните дезинформации беше претставен на конференцијата POINT 8.0 во Сараево

Сара Малосмани (Levizja MJAFT!, Албанија), Ивана Маркулиќ (Центар за истражување, транспарентност и отчетност, Србија), Блерина Рамај (Open Data Kosovo), Мила Јосифовска (Метаморфозис, Северна Македонија), Милица Ковачевиќ (Центар за демократска транзиција, Црна Гора) и Данира Каровиќ (Здружение на граѓани Why Not?, Босна и Херцеговина) на отворањето на конференцијата POINT 8.0.

 

На осмото издание на меѓународната конференција „Политичка отчетност и нови технологии – POINT“ која се одржа во Сараево, Босна и Херцеговина, од 16 до 18 мај 2019 година, дел од тимот на Фондацијата Метаморфозис имаше можност да сподели клучни наоди од нивната неодамнешна работа.

Конференцијата POINT ја организира мрежата ACTION SEE која е активна во шест земји од Западен Балкан. На самото отворање на настанот (видео), менаџерката на регионалниот проект ACTION SEE, Мила Јосифовска, го презентираше Индексот на отвореност како посебна алатка со големо влијание со која се мери отвореноста на јавните институции и нивното почитување на принципите на доброто владеење.

Борба против дезинформации на регионално ниво

За време на сесијата насловена како „Приказни од регионот на Југоисточна Европа“ Филип Стојановски, директорот за партнерство и развој на ресурси при Фондацијата Метаморфозис, ги презентираше искуствата и наодите од борбата против дезинформациите (видео).

Филип Стојановски го објаснува пристапот на Фондацијата Метаморфозис кон разоткривањето на дезинформациите за време на сесијата „Приказни од регионот на Југоисточна Европа“, дел од конференцијата POINT 8.0

 

Стојановски го објасни начинот на кој Фондацијата Метаморфозис ги разоткрива дезинформациите кој се базира на експертиза од сферата на дигиталните права со промоција на професионалното новинарство и поддршка за медиумски плурализам. Овие иницијативи се клучен дел од програмите на Фондацијата кои промовираат отчетност на јавни функционери, политичари и други засегнати страни, како и медиумите преку сервиси за набљудување.

Во својот пристап, Фондацијата Метаморфозис ги комбинира наодите од работата на Вистиномер, основан во 2011 година со помош од NED, Сервисот за проверка на факти од медиумите, основан во 2012 година со помош од УСАИД и на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, започнат во 2018 година како проект поддржан од Европската Унија, кои креираат содејство заедно со медиумите формирани од Фондацијата Метаморфозис, Порталб.мк и Мета.мк, и меѓусебно ја надополнуваат својата работа и обезбедуваат вклученост на разни целни групи.

Ваквата заедничка работа се бори против напливот на дезинформации кои произлегуваат од домашни и странски малигни влијанија и исто така вклучува проект, кој е во тек и финансиран од NED, со кој се адресираат меѓуграничните дезинформации поврзани со политичките случувања во Северна Македонија и нивното одразување во соседните земји од Балканот. Овие напори и понатаму служат како врска од мрежа за соработка која се состои од десетици медиуми, преку градење мостови над етничката и јазичната поделеност и ја движат иновацијата во медиумската сфера. Тие ја подобруваат набљудувачката улога на граѓанските организации и медиумите врз основа на најдобрите практики и стандардите за квалитет на Меѓународната мрежа за проверка на факти.

Стојановски истакна дека „фактите се од суштинска важност, но недостига меѓугранично новинско известување заради домашната политичка и уредничка пристрасност која влијае на известувањето за регионални прашања.“ Тој исто така објасни дека честопати проверката на факти не е доволна, потребно е да се објасни контекстот бидејќи публиката во различни земји од Балканот немаат доволен контакт со случувањата вон своите граници. Потребна е зголемена соработка и вмрежување помеѓу новинарите, проверувачите на факти и активистите преку користење на знаењето за локалната култура за да се разоткријат и новите дезинформации но и рециклираните од минатото, со акцент на улогата на НАТО и ЕУ.

Со тоа што продукцијата на Фондацијата Метаморфозис е достапна на повеќе јазици: македонски, албански и англиски и делумно на српски, бугарски и грчки се создаваат повеќе можности за соработка и обезбедување извори од страна на сервисите за проверка на факти и професионалните новинари од соседните земји.

Мартин Шенк ја објаснува улогата на медиумите во спротивставувањето на правењето пари од веб-страници кои шират дезинформации.

 

Важноста на овој пристап беше потврдена од презентацијата на белгискиот дигитален активист и претприемач, Мартин Шенк, кој објасни како открил „транснационална мрежа од отпадни вести“ од Куманово преку детектирање на сомнителни активности на друштвените медиуми а потоа со наоѓање на сторителите преку јавно достапни информации. Како резултат на тоа, веб-страниците кои ги преплавувале читателите од САД и ЕУ со дезинформации кои поттикнуваат омраза кон муслиманите и мигрантите биле исклучени.

„Во овој случај јавното известување од страна на медиумите заврши голема работа“, беше заклучокот на г-н Шенк по неговата презентација, притоа покажувајќи кадар од екранот земен од напис од англиската верзија на Мета.мк.

Работилница за застапување

На 18 мај, тимот зад проектот ACTION SEE ја спроведе работилницата „ACTION SEE: Владина транспарентност – Како може да направиме регионален проект кој ќе има големо влијание?“. Различни засегнати страни и претставници на граѓанскиот сектор од целиот свет дискутираа како да се постигне значајно и долготрајно проектно влијание и како земјите од целиот регион да се приближат едни кон други, врз основа на искуствата на партнерите од регионот поврзани со градење капацитети при водењето кампањи за застапување кон јавните институции со цел да се дојде до општествена промена.

Харис Кусмиќ (Вестминстер Фондација, Велика Британија), Блерина Рамај (Open Data Kosovo) и Данира Каровиќ (Здружение на граѓани Why Not?, Босна и Херцеговина) ја водат работилницата „ACTION SEE: Владина транспарентност – Како може да направиме регионален проект кој ќе има големо влијание?

 

Заедничкиот заклучок е дека принципот на користење податоци од истражување преку Индексот на отвореност и спроведувањето на соодветните закони за слободен пристап до информации од јавен карактер може да се „преземе“ надвор од регионот на Западен Балкан, т.е. од земјите околу Медитеранот со тоа што ќе се прилагоди на локалните околности.

Проектот „ Одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа – ACTION SEE“ е финансиран од Европската Унија, а го спроведуваат Фондација Метаморфозис од Северна Македонија, Вестминстер Фондација за демократија од Велика Британија, ЦРТА – Центар за истражување, транспарентност и отчетност од Србија, Здружение на граѓани Why not? од Босна и Херцеговина, Центар за демократска транзиција од Црна Гора, Open Data Kosovo (ODK) и Levizja Mjaft! од Албанија. Партнери на конференцијата POINT 8.0 беа National Endowment for Democracy – NED, Balkan Trust for Democracy, TechSoup Europe, Американската амбасата во Сараево, Digital Communication Network, Outriders, GONG, TransparenCEE Network и Friedrich Nauman Stiftung.