Мени

PrivacyCamp.EU: Заштитата на дигиталните права бара сеопфатен и мултисекторски пристап

На 29.01.2019 г. тимот на Фондацијата Метаморфозис учествуваше на конференцијата PrivacyCamp.EU која се одржа во Брисел, пренесувајќи ги искуствата од Македонија поврзани со борбата против дезинформации во контекст на заштита на човековите права.

PrivacyCamp.EU е годишна конференција организирана од мрежата Европски дигитални права – ЕДРИ и партнери, која на едно место собира активисти за дигитални човекови права, граѓански организации, академска заедница и креатори на политики од Европа и пошироко. Во фокусот на дискусиите секогаш се најактуелните прашања кои директно влијаат на човековите права во дигиталниот свет.

privacy camp

Оваа година, PrivacyCamp.EU беше посветен на предизвиците со кои се соочуваат граѓанските организации и активисти во примената на правилата и регулативите при користењето на различни методи на комуникација. Еден дел од конференцијата беше посветен на проблемите поврзани користење на онлајн платформите за ширење на лажни вести и особено за предизборни кампањи. Покрај ова, заштитата на дигиталните човекови права беше дискутирана од аспект на модерирање на автоматизирани содржини, таргетиран маркетинг и можните нарушувања на приватноста на корисниците. Настанот се одржа во просториите на Универзитетот Сен Луи со над двесте учесници: активисти, правни експерти, новинари и студенти.

Во рамки на сесијата „Мапирање на проблемот: Ширење вести преку онлајн платформите“ како панелист зема учество и директорот на Метаморфозис за развој на партнерства и ресурси Филип Стојановски, кој го раководи проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“. Пренесувајќи ги искуствата од Македонија, тој укажа како во ситуација на растечки популизам се намалува улогата на медиумите како чувари на демократијата. При тоа во крајната фаза на популизмот – заробената држава – во јавната свест се губи разликата меѓу новинарството и пропагандата, а со тоа и довербата и во оваа и во сите други институции на демократскиот систем.

Според Стојановски, развојот на индустријата за лажни вести по која Македонија стана озлогласена низ светот е резултат на низа фактори, од кои клучен е создавањето општествена клима во која моралните норми врз кои се темели професионалното новинарство се отсутни. Во Македонија, власта (со народни пари) финансираше развој на пропагандна машинерија наменета за ширење дезинформации, која опфаќаше и создавање инфраструктура за зголемување на ефектот на интернет. Меѓу другото, мрежи од веб-портали отворени од вработени во провладините медиуми кои служеа како нивни сателити, преку кои се спамираат агрегаторите, како и партиска армија на тролови за постигнување информациска доминација на социјалните мрежи. Не беше чудно кога одредени граѓани со претприемачки дух почнаа да ги применуваат истите методи на интернет маркетинг, само за странски пазар, при што изворот на финансии го добиваат преку системите за огласи на Гугл и сл.

Преку проектот КриТинк и низа други иницијативи, Метаморфозис се залага за сеопфатен пристап за решавање на овој и сродните проблеми, кој опфаќа вмрежување на сите засегнати страни за едукација на граѓаните преку социјалните мрежи, реформи на образовниот систем направени врз основа на емпириски истражувања за новите услови во дигиталната сфера, промоција на саморегулацијата во медиумите и спроведување на позитивните законски прописи за да се стави крај на неказнивоста за злоупотребите и загрозувањата на човековите права.

Во рамки на истата панел-дискусија, Фредерике Калтеунер од Прајваси Интернешнал (Privacy International) проблемот го постави на три нивоа: содржини, платформи и ниво на податочен екосистем, кои влијаат кои видови вести луѓето ги гледаат и откриваат. Во суштина е потребата да се преиспитаат бизнис-моделите на издавачите и платформите, особено тоа што во многу легислативи огласувањето на интернет (особено соц. мрежи) се третира поинаку од огласите во традиционалните медиуми. Ова има големо влијание при политичкото рекламирање низ Европа.

Ева Симон од Сивил либертис јунион фор Јуроп (Civil Liberties Union for Europe) укажа на недостатокот на податоци и студии за влијанието на дезинформациите, особено што иницијативите за проверка на факти имаат ограничен опсег, додека примената на вештачка интелигенција е насочена кон одржување бизнис модели погодни за ширење манипулации (ехо-комори и микротаргетирање).

Д-р Натали Марешал од Ранкинг диџитал рајтс (Ranking Digital Rights) укажа дека загрозувањето на човековите права е поврзано со конвергенцијата на два тренда. Првиот е она што Ребека Мекинон го нарекува „вмрежен авторитаризам“ (networked authoritarianism) – злоупотреба на нови технологии од земји како Кина и Русија за зголемување на нивото на контрола на домашен план и геополитички интервенции за подривање на демократијата. Вториот е „шпијунирачки капитализам“ (surveillance capitalism) настанат во Калифорнија во кој компании како Гугл ги прибираат и тргуваат со личните податоци на граѓаните. При тоа од јавната сфера е отсутна свеста дека огласите се средство за модификација на однесувањето на луѓето. Од друга страна, позитивен пример е влијанието на новата регулатива на ЕУ за заштита на податоци (GDPR) вон нејзините граници, преку наметнување обврска и странски компании да се ускладат со неа.

Од дискусијата произлезе заеднички заклучок дека има потреба да се разгледаат можностите за регулација на продажбата на податоци за политички цели и дека има огромен расчекор и меѓу постоечката регулатива за заштита на човековите права и нејзиното спроведување. Низа тековни примери од Европа и светот покажуваат дека уназадување е возможно и во земјите кои претходно имале повисоко ниво на демократија, доколку не се вложуваат активни и систематски напори и на национално и особено на меѓународно ниво.

Хаштаговите кои се користат за дискусиите онлајн се #PrivacyCamp19 и #PrivacyCamp2019.