На 31 мај, во Детскиот Театарски Центар во Скопје, се одржа првата проекција на 13-те кратки филмови од областа на приватноста и безбедноста на децата и тинејџерите на интернет. На проекцијата присуствуваа ученици од основното училиште „Петар Здравковски – Пенко“, кои воедно беа и актери во филмовите. На крајот, секое дете доби подарок дивиди со филмовите, постер и брошура.
Оваа проекција беше прва од низата настани кои се одржаа низ градовите во Република Македонија. Па така, на 1 јуни, во просториите на Општина Штип се одржа втората проекција на која присуствуваа 80-на деца од основните училишта „Ванчо Прке“, „Тошо Арсов“, „Гоце Делчев“ и „Димитар Влахов“.
По настанот во Штип, истиот ден проекција се одржа и во Велес, во просториите на Фондацијата Фокус каде присуствуваа десетина деца од основното училиште „Кирил и Методиј“.
Четвртата проекција се одржа на 2 јуни, во просториите на Општина Неготино, каде салата беше преполна со ученици (околу 90) од основните училишта „Страшо Пинџур“ и „Гоце Делчев“.
На 6 јуни, во просториите на Лоја во Тетово, проекцијата ја проследија 50 ученици од основното училиште „Наим Фрашери“. Истиот ден, имаше уште една проекција во Центарот на културата – АСНОМ во Гостивар, каде присутни беа околу 30 ученици од основното училиште „Братство“.
Ден подоцна, на 7 јуни, проекција се одржа во просториите на Младинскиот културен центар во Битола, каде беа присутни 40-тина ученици од основното училиште „Гоце Делчев“. Завршната проекција се одржа на 8 јуни, во 13:00 часот во Дебар, во Домот на културата, каде беа присутни околу 130 ученици од основното училиште „Братство Единство“.
Учениците кои присуствуваа на проекциите добија брошури и и кои се изработени во рамките на овој проект, а училиштата добија и пакет материјали наменети за училиштето, како и примерок од дивиди со филмовите, со цел да се допре и до останатите ученици во овие училишта.
На настаните, покрај филмовите, беа промовирани и онлајн-игрите, кои се играа заедно со сите присутни деца.
Со овие проекции, беа опфатени 8 градови од Македонија, со што филмовите ги погледнаа над 470 ученици од 7-мо и 8-мо одделение, а материјали добија околу 20-тина училишта ширум земјата.
Сподели: