Промоцијата беше наменета за раководни лица одговорни за ИТ од државните институции на централно ниво како дел од низа настани за подигање на јавната свест кај носители на одлуки и технички лица од разни општествени сектори.

Во рамки на промоцијата, Ангел Наковски, инспектор за заштита на лични податоци од Дирекцијата за заштита на лични податоци  даде концизно објаснение за законските рамки и обврските на државните службеници од оваа област.

Филип Стојановски, програмски координатор од Фондацијата Метаморфозис, го претстави Водичот кој содржи објасненија како се креира политика за приватност преку пренесување на светските искуства од оваа област и урнеци кои може да се прилагодат на потребите на е-издавачите. Тој нагласи дека објавувањето на ПП не е законска обврска, но е важен фактор во креирањето на доверба на корисниците кон давателите на е-услуги, оти го одразува постоењето на функционален интерен систем за заштита на правата на граѓаните.

Водичот за ИКТ бр. 6 “Како до политика за приватност?“ е плод на директна соработка меѓу Фондацијата Метаморфозис и Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП), објавен на македонски и албански јазик во рамките на проектот Иницијатива за приватност на интернет поддржан од Фондацијата Институт отворено општество – Македонија. Метаморфозис и ДЗЛП го дистрибуираат Водичот бесплатно до сите заинтересирани страни во хартиена форма преку тематски настани, обуки или директна достава, а е достапен и за симнување преку интернет како е-книга објавена под лиценца Криејтив комонс.

Настанот беше организиран во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација и Проектот за е-Влада на УСАИД, како дел од дводелна работилница во чиј друг дел тема беше моделирање на квалитетни договори за јавни набавки од областа на ИКт. Нивните претставници  пренесоа информации за досегашниот напредок на Проектот е-документи и ја презентираа работната верзија на модел договорот за набавка и изработка на софтверска апликација, како и применливоста на договор за одржување наспроти договор за ниво на испорачана услуга.

Во текот на дискусијата во врска со преносот на авторски права беше истакната можноста за синергија со Националната политика за слободен софтвер, за чија нацрт-верзија е во тек процес на јавна расправа.

На настанот учествуваа 37 претставници на следниве инситуции: Министерство за внатрешни работи (2), Фонд за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (2), Управа за водење на матични книги (2), Царинска управа на РМ (2), Централен регистар (2), Основен суд Скопје 2 (2), Агенција за катастар за недвижности (3), Министерство за финансии (2), Град Скопје (1), Основен суд Скопје 1 (1), Министерство за информатичко општество и администрација (4), Управен суд (1), Биро за јавни набавки (2), Фонд за здравствено осигурување на Македонија (2), USAID (1), Управа за јавни приходи (2), Агенција за вработување на РМ (2).

Сподели: