Мени

Промовирана веб-локацијата „Школа за податоци – Македонија“

„Можноста граѓанското општество да побара податоци кои се релевантни за јавните политики и постапки, е суштинска за владеењето на демократијата, а концептот на отворени податоци е генератор на просперитетот и демократизацијата на општеството“, рече Амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија, Чарлс Едмунд Герет на промоцијата на веб-локацијата „Школа за податоци – Македонија“.

DON_5761

Таа нуди константна поддршка на граѓанските организации, новинарите и сите заинтересирани граѓани во употреба на податоците како дел од проектот „Мрежа на граѓански организации за отворени податоци“, кој го спроведува фондацијата Метаморфозис во партнерство со фондацијата „Open Knowledge“, а е поддржан од Британската амбасада во Македонија.

DON_5762

„Можноста граѓанското општество да побара податоци кои се релевантни за јавните политики и постапки е суштинска за владеењето на демократијата“, рече Герет на промоцијата.

Британскиот амбасадор потенцираше дека отворените податоци се „двонасочна улица“ – од една страна владите и институциите ја зголемуваат транспарентноста, а од друга, граѓанското општество го зголемува своето учество во процесот на донесување одлуки и го потенцира гласот на маргинализираните групи.

„Овој проект се темели врз претходниот ангажман на Велика Британија во оваа област низ т.н. „Партнерство за отворена влада“ и се надевам дека нашата соработка ќе продолжи и ќе влијае врз зголемувањето на транспарентноста на владата и зголемувањето на учеството на граѓаните во преиспитувањето на владините активности и информираноста при донесувањето на одлуките.  DON_5774

Директорот на Фондацијата Метаморфозис, Бардил Јашари додаде дека пристапот до податоците е битен за двете страни, бидејќи „им помагаат на граѓаните да се изедначат во знаењето со политичарите кои ги имаат во секое време на располагање податоците од државните институции“.

DON_5781

На настанот беа присутни триесетина претставници од граѓански здруженија, асоцијации и медиуми, но и заинтересирани поединци. Како што рече Дона Џамбаска од фондацијата Метаморфозис, на веб-локацијата може да се најдат курсеви за основи на податоци, како и информации за алатки и апликации за употреба и обработка на податоци.

„Ако која било граѓанска организација има потреба од одреден курс/обука за некоја вештина, ние ќе го најдеме/адаптираме, или, пак, креираме таквиот курс, а подоцна и ќе го споделиме со нив“, истакна Џамбаска.

Покрај веб-локацијата, беше промовиран и Конкурс за поддршка на проекти поврзани со отворени податоци. Рокот за пријавување е 22 јуни, а сите граѓански организации можат да аплицираат со конкретна идеја за проект поврзан со отворени податоци. По завршувањето на конкурсот, ќе бидат избрани четири проекти што ќе добијат поддршка од фондацијата Метаморфозис за нивно спроведување.

Повеќе фотографии од настанот

Конкурсот за поддршка на проекти поврзани со отворени податоци е достапен овде.