ANTICKIOT_GRAD_NA_ISAR_MARVINCI_VALANDOVOНа промоцијата, беше истакната важноста на овој настан кој е од особено значење за македонската археологија бидејќи за првпат, после книгата Археолошки дневник на м-р Василка Димитровска, се објавува научен труд од оваа област од признат археолог, кај нас и во светот. Г-а Василка воедно ја отвори промоцијата, зборувајќи за значењето на објавувањето вакви дела на интернет, како поради намалувањето на финансиските трошоци, така и заради достапноста на тоа дело за сите, во секое време.

Делото е засега достапно само во електронска форма и секој бесплатно може да го преземе преку порталот Криејтив комонс, притоа почитувајќи ги условите кои се зададени во Криејтив комонс лиценцата Наведи извор-Некомерцијално. Повеќе за лиценците, предностите од користењето и начинот на кој функционираат објасни Ирина Шумадиева, претставник на Фондацијата Метаморфозис.

Археологот м-р Горан Санев и менаџер на порталот за археологија „Порта Археологика“, исто така беше присутен на промоцијата и се надева дека објавувањето на оваа електронска археолошка монографија ќе биде инспирација и почеток на воведувањето на македонската археологија во современите издавачки трендови, кои несомнено овозможуваат лесна и брза достапност до потребните инфорамции.

На крајот, збор зеде авторката, која истакна неколку интересни сознанија. Меѓу другото, градот на Исарот таа го идентификува со Добер, еден од двата града кои се споменуваат во изворите. Според неа, овој локалитет заслужува да биде познат во нашата наука и јавност.

Д-р Викторија Соколовска (1931) е археолог и долгогодишен работник во Музејот на Македонија во Скопје. Својот професионален интерес го насочила во проучување на историјата, материјалната и духовната култура на племињата и народите кои ја населувале Пајонија и Македонија во античко време, со посебен акцент на пубикацијата на градовите и топонимите. Од 1976 до 1996 година раководела со научниот проект „Долината на Вардар во I милениум пред н.е.“, во кој посебно место заземаат истражувањата на локалитетот Исар-Марвинци, Валандово, од кои е произлезена и оваа книга.

Во подготовка е и англиска верзија од ова нејзино дело.

Сподели: