Мени

Работна посета на регионот Долна Нормандија, Франција

Посетата беше организирана во соработка со Центарот за нови технологии (ЦТН – http://www.ctn.asso.fr/) со цел пренос на искуства и добри практики во областа на примената на информатичко-комуникациските технологии (ИКТ) во областа на граѓанско учество и развојот на демократијата на локално ниво.

Посетата опфаќаше средби со претставници на институции и организации кои работат на примената на новите технологии за доброто на граѓаните од сите три департмани кои го сочинуваат регионот Долна Нормандија.

Регионот е светски познат по културно наследство – во средниот век бил појдовна точка за освојувањата на Норманите кои имале клучна улога во историјата на Европа и Медитеранот, како место каде што се одиграла клучната битка во Втората светска војна – истоварувањето на сојузничките сили во 1944 година, како и област во која живееле низа видни личности од француската историја, меѓу кои Ги де Мопасан, Густав Флобер и Марсел Пруст. Главни стопански гранки во регионот се земјоделството, преработката на храна/кулинарството и туризмот, а свој удел имаат и енергетиката (нуклеарна и енергија на ветерот) и автомобилската индустрија, која е тешко погодена со глобалната финансиска криза.

Во департманот Калвадос, во кој се наоѓа и Каен, главниот град на регионот, претставниците на ЦТН го претставија системот од над стотина јавни точки за пристап до дигитални технологии (espaces publics numériques EPN) кои тие ги координираат, а кои се одржуваат со финансиска помош од регионалните и локалните власти.

Меѓу другото, приоритет на ваквите јавни точки е обезбедување пристап до интернет, како и прилагодување на населението,особено повозрасните, за користење на сите нови технологии преку обуки. При тоа, со надминување на дигиталниот јаз се оди и чекор понатаму, преку обезбедување помош за пристап до системи за е-учење (P@T) со кои се помага прекфалификација на невработените.

Особена важност за работата на јавните точки има поддршката од локалните власти на сите нивоа, која се одразува преку обезбедување простор и покривање на трошоците за опрема и персонал. Иако постои стандардизација на ниво на регионот, секоја од точките има голема автономија во однос на примената на технолошки и содржински решенија врз основа на локалните потреби.

На 4 март беше извршена посета на департманот Манш и тоа на градот Сен Ло (StLô), руралната општина Сен Жорж Монкок (St Georges Montcocq) и споменикот на културата Мон Сен Мишел (Mont St Michel).

Во Сен Ло јавната точка за пристап до дигитални технологии функционира во рамките на градската библиотека. Една карактеристика на точките во овој дел на Долна Нормандија е што департманот има финансирано поставување пристапна технологија (специјални маси и друга опрема) со која и на луѓето со хендикеп им се обезбедува користење на компјутерите. Општинската администрација во голема мерка се потпира на користење на слободниот софтвер, при што најчесто употребуван оперативен систем е Линуксот, а канцелариски софтвер ОпенОфис.орг (локализирани на француски).

Една од апликациите која овозможува граѓанско учество во развојот на локални е-содржини е проектот ВикиМанш посветен на информирање за културните, општествените и економските особености на департманот, кој меѓу другото овозможува и информирање на туристите кои доаѓаат привлечени од многубројните локални знаменитости.

Една од функциите на јавната точка е поттикнување на социјализацијата меѓу граѓаните, кои во рамките на редовните активности може да остварат разновидни контакти, надминувајќи ја отуѓеноста која се јавува во модерното општество. Меѓу другот, за тоа се користат и сесии на заедничко учество во рол-плејинг игри на интернет.

Сен Жорж Монкок е мала општина со помалку од 1000 жители која овозможува работа на јавна точка за пристап до дигитални технологии во рамките на општинската зграда. Меѓу другото, точката нуди и опрема со која граѓаните може да ги конвертираат своите видео-записи од ВХС касети во дигитален формат, што придонесува за зголемување на интересот за користење и на другите практични функции.

На 5 март беше извршена посета на две јавни точки во Аржентил, главниот град на Орна, третиот и најјужен департман во регионот Долна Нормандија. Првата е под директна надлежност на општината и е посетувана претежно од млади или повозрасни жители, а нуди курсеви за користење компјутери и пристап до општинските е-услуги. Една од нововедените услуги на општината е овозможување на поврзување на граѓаните по пат на структурирани мали огласи со цел задоволување на нивните секојдневни потреби.

Втората јавна точка е во рамките на градската библиотека „Франсоа Митеран“, чија конструкција се надоврзува на зградата на поранешна црква. Тука основната цел е овозможување на сите генерации, од најмладите до постарите, ефикасно да ги искористат сите постоечки ресурси на библиотеката во комбинација со новите технологии, особено за потреби на истражувања потребни во рамките на образовниот систем. Како и другите библиотеки во регионот, и оваа всушност се преименува во медијатека, оти не овозможува само пристап до книги, туку и до разни други медиуми – од музика на ЦД-а до филмови во ДВД-формат. Јавната точка користи систем со банки на дискови со кои се овозможува брз пристап до содржините без да се ризикува нивно оштетување при мануелно користење.

Попладнето беше посветено на посета на две институции во Каен. Првата е Инжениум (Ingénium) дел од политехничкиот институт во Каен кој се занимава со производство на содржини за е-учење, комбинирајќи дигитални технологии и филм, создавајќи сеопфатни мултимедијални курсеви наменети за восприемање преку интернет. Дел од овие курсеви се промовираат преку јавните точки, со што се јакне работниот капацитет на населението на регионот, а пренесувањето на знаења за самиот процес на производство може многу да придонесе за развојот на е-учење во Македонија. Сите вакви курсеви се базираат на снимање на предавања од страна на признати експерти во дадените области кои овозможуваат кредибилитет и искористување на практични искуства, надополнети со материјали за учење, тестови и други интерактивни алатки.

Последната посетена институција од Каен беше седиштето на регионалната власт, кое е сместено во поранешниот женски манастир основан од норманскиот војвода и подоцна англиски крал Вилијам Освојувачот и неговата сопруга Матилда (1066-1083), чиј гроб се наоѓа во црквата во рамките на комплексот.

Покрај користењето за административни цели, регионалната власт овозможува непречен пристап сите лица заинтересирани за културните и историските аспекти на градбата, која е отворена за јавноста и меѓу другото служи и за изложби на современи уметници. Претставниците на регионалните власти ја изразија својата отвореност за понатамошна соработка со Македонија на сите нивоа, како и комбинирање на добрите искуства од обете места за унапредување на животите на сите нивни граѓани.

Можности за соработка кои произлегуваат од посетата

  • Вклучување на новостекнатите контакти при изведбата на предвидените активности за подигање капацитет за активно граѓанско учество во Македонија и синергија со проектот на Метаморфозис за поттикнување на развој на локални е-содржини
  • Развој на систем за создавање содржини за е-учење во соработка со Агенцијата за државни службеници на РМ во соработка со Инжениум, пренос на знаења за методологијата на креирање преку практична работа – локализација на постоечки курсеви и креирање нови кои се од заеднички интерес на граѓаните на Македонија и Франција, на пр. за Европската Унија.
  • Организирање активности за подигање капацитет за активно граѓанско учество во Долна Нормандија врз основа на искуствата за невладин активизам за локални и национални прашања од Македонија.
  • Подигање на капацитетот за развој на локални содржини во насока на поквалитетно и потранспарентно, континуирано информирање и интеракција:
    * граѓанско новинарство (блогови, видео и дигитално раскажување) со користењето на искуствата и можностите на Метаморфозис,

    * вики-сајтови за потребите на општини и групи општини, со користење на искуствата од Сен Ло со ВикиМанш како пример за добра практика
  • Развој на стандарди за работата на јавни точки за пристап на интернет со цел зголемување на степенот на инклузивност на повозрасното население, јакнење на општествената кохезија во Македонија и транспарентноста на локалните власти, со користење на искуствата и воспоставените практики од Долна Нормандија. Применливи и за мрежата на Дигитални клубови, но и за мрежата на интернет-кафеа кои ги отвора Владата на РМ, а со можност на вклучување и на локалните библиотеки, па дури и приватните, комерцијални интернет-кафеа од Македонија.
  • Развој на систем за филтрирање на содржини кои доброволно би можеле да го користат јавните точки за пристап на интернет, но и индивидуалните родители од Македонија да ги заштитат своите деца од штетни влијанија (црна листа), како и за препорачување на полезни содржини (бела листа) со користење на искуствата на ЦТН.