scoda1

 

Систем за истражување на јавните набавки, веб апликација за известување за услугите на угостителските објекти во Македонија, податоци за директните плаќања во земјоделството и база на податоци од резултатите од набљудувањето на судството во Македонија во текот на една деценија. Ова се четирите проекти кои беа одбрани на Конкурсот за поддршка на проекти поврзани со отворени податоци, кој го објави Фондацијата Метаморфозис.

На конкурсот се јавија дванаесет граѓански организации со исто толку проектни идеи, а беа одбрани за финансиска поддршка четири: ИКТ за промени, Коалицијата „Сите за правично судење“, ЗИП институт и ИРРЗА.

ИКТ за промени од Тетово ќе работи на проектот наречен „Data journalism – Систем за истражување врз основа на јавните набавки во РМ“. Тие предложија да ги собираат податоците од електронскиот систем за јавни набавки, кои се јавно достапни, да ги организираат и презентираат на начин кој ќе биде корисен за новинарите во Македонија.

Институтот за развој на рурален развој (ИРРЗА) од Скопје, предложи проектна идеја за Реален развој на руралните средини и земјоделството. Тие ќе собираат податоци од Националната програма – директни плаќања во земјоделството и ИПА-ИПАРД проектите во Македонија.

ЗИП Институт од Скопје има намера да креира веб апликација на речена „Rate.me – Систем за известување за услугите на угостителските објекти“. Целта е да ги соберат позитивните и негативните практики од угостителските објекти во Македонија каде се служат храна и пијалоци. Потребни им се податоците за издадени дозволи за угостителски објекти, категориите на кои тие припаѓаат како на пример, ноќни клубови, барови, диско клубови итн. Воедно сакаат да ги вклучат и податоците за изречените казни за угостителските објекти и за инцидентите кои се случиле на овие места вклучувајќи ги и повредите на законските норми.

Коалицијата на здруженија на граѓани – „Сите за правично судење“ ќе работи на проект базиран на Отворени податоци за транспарентно судство. Тие веќе поседуваат своја база на податоци од 12 годишниот мониторинг на судството во Македонија која сакаат да ја отворат и да ја направат јавно достапна преку изградба на нова веб-страница.

Добитниците на конкурсот веќе испратија детални планови за активности во следните шест месеци во кои треба да се реализираат проектите. Кон крајот на овој месец тие ќе учествуваат на заеднички настан на кој ќе имаат можност јавно да ги презентираат проектните идеи и да работата на нивното дооусовршување.

Активностите ќе опфатат испраќање на официјални барања за слободен пристап до информации до надлежните институции, обуки за пронаоѓање, анализа, обработка и презентација на податоците, а ќе се одржат и три дата експедиции.

Конкурсот е во рамки на проектот „Мрежа на граѓански организации за отворени податоци“, кој се спроведува во соработка со Open Knowledge Foundation, а чија цел е градење на капацитети на граѓански организации за промоција на отворена агенда, преку формирање на Школа за податоци – Македонија.

 

Сподели: