Мени

Се одржа првата конференција за групно финансирање во Македонија

DSC_0237

Алтернативниот модел на групно финансирање (crowdfunding) не е бунар за исполнување желби, но е дефинитнивно иднината на финансирањето, е заклучокот од Првата crowdfunding конференција која се одржа на 11.03.2017 година во хотел Континентал, во организација на Здружението Лидери за едукација, активизам и развој како дел од проектот „Отчетност преку граѓански ангажман“, спроведуван од Фондацијата Метаморфозис со поддршка од Британската амбасада во Скопје.

Целта на оваа конференција е да ги запознае граѓаните од Македонија со концептот на crowdfunding, како алтернативен начин на финансирање на проекти и идеи, како и да понуди вештини за спроведување на crowdfunding кампањи.

Конференцијата ја отворија претставници на ЛЕАД, кои накратко ја претставија целта на конференцијата и го презентираа првиот водич за спроведување на crowdfunding кампањи, изработен од нивна страна, во соработка со тимот на Final Frontier Games.

Како прв говорник, честа да ја отвори конференцијата ја имаше Ивана Крстевска, еден од основачите на Final Frontier Games, компанија за креирање на друштвени игри, која во 2016 ја спроведе најуспешната crowdfunding кампања од Македонија. Ивана напомена дека да се спроведува да се работи на crowdfunding проект е исто како и било која друга работа, било кој друг бизнис. Не секој проект завршува успешно. Бара посветеност и темелност. Кај crowdfunding кампањите, идеиите не треба да бидат случајни, туку комплетно испланирани.

DSC_0186„Crowdfunding-от налага одредени одлуки, кои мора цврсто и решително да ги донесете и од нив нема отстапки. Ваквите одлуки се однесуваат на изборот на најдобрата платформа, сумата на пари која ви е потребна и детален план за сите чекори од кампањата. Луѓето се скептични и мора да се убедат дека нивните пари одат на сигурно место“, дополни Крстевска.

По Ивана, подиумот го презеде Лука Пишкорич, основач на Полигон- креативен центар од Словенија, кој е исто така дел од тимот на иницијативата „Slovenia Crowdfunding“. Лука ја посочи важноста од искористување на капацитетите на локалните заедници, осбено капацитетите на младите креативци, за успешно спроведување на една crowdfunding кампања.

„На локално ниво постојат голем број креативци кои можат да придонесат за вашата кампања. Искористете ги нив бидејќи со тоа истите ги вклучувате, придонесувате за заедницата, но и за успехот на вашата кампања“, посочи Лука Пишкориќ.

Марко Греговиќ, основач на Бродото- агенција за социјален импакт, специјализирана за кампањи, дизајн и медија, воедно и организатори на годишната Zagreb Crowdfunding Convention, во својот говор потенцираше дека crowdfunding пазарот е отворен за секаков вид на идеи, од патувања, до идеи за започнување бизнис. За да се започне кампања не се потребни идеални услови и многу средства, напомена Марко.

„Сè што ти е потребно за една кампања е добра идеја, добар тим, персонален компјутер, телефон и интернет. Тоа е се“, наведе Марко Греговиќ.

DSC_0695Последниот говорник на конференцијата, Сем Вакнин, економски аналитичар и коментатор, поранешен брокер, инвеститор, банкар и финансиски советник на влади и корпорации низ светот, ја потенцираше важноста од тимска работа и соработка со што е можно поголема група на луѓе при спроведување на crowdfunding кампања.

„Здружете се во тим и остварете партнерство со други луѓе. Колку е поголем тимот, толку е поголема шансата за да остварите успешна crowdfunding кампања“, порача Сем Вакнин.

Во вториот дел од конференцијата, присутните имаа можност да учествуваат на една од четирите работилници и да ги зајакнат своите капацитети за различни сегменти од процесот на спроведување на crowdfunding кампањи, односно за тоа како да ги мотивираш и задржиш своите поддржувачи, насоки за успешна кампања, насоки за комуникациска стратегија и важноста од вмрежувањето и контактите.

Конференцијата е организирана во рамки на проектот „Одржливост преку алнтернативни начини на финасирање“, имплементиран од Здружение Лидери за едукација, активизам и развој, во партнерство со Final Frontier Games, поддржан од Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис во рамки на проектот „Отчетност преку граѓански ангажман“ со поддршка на Британска амбасада Скопје.