Мени

Се одржа уште една обука за новинари – опфатени 4 редакции

novinari_juni1Обуката траеше 3 работни дена и опфати теми како: напредно уредување содржини на веб, фотографирање и обработка на фотографии, снимање аудиовести и нивна обработка, креирање видеосодржини, авторски права, социјални медиуми и локални сервиси за промоција. Обуките се фокусираа на подобрување на вештините, презентација на софтвери и алатки, според потребите на овие медиуми.

Подетално, обуката започна со едукација за работа на веб-платформата WordPress. Новинарите ги научија правилата за пишување и уредување вести за веб, како и вградување фотографии и мултимедијални содржини во нив. Дополнително се дискутираше и новинарската етика и правилата за пишување новинарски содржини. Со овие вештини се очекува дека ќе се олесни работата и процесот на ажурирање на содржините на нивните веб-сајтови.

novinari_juni2Потоа, секој учесник сними свој аудиозапис и практично работеше со софтверот Audacity за да го обработи според зададените параметри. Во оваа сесија учесниците се запознаа со сервисот SoundCloud како уште еден начин за објавување аудиосодржини на веб и нивно вградување во нивните веб-објави.

Почетокот на вториот ден од обуката беше посветен на концептот на авторски права и слободните лиценци Криејтив Комонс, што побуди голем интерес кај учесниците и поттикна дискусија за состојбата со авторските права и нивната практична примена во дигитален контекст.

Во продолжение на обуката, учесниците добија насоки за управување со фотоапарат и композиција на фотографија и веднаш потоа имаа можност самостојно да направат по неколку фотографии. Нив потоа ги обработуваа со помош на Google Picasa за да ги подготват за поставување во склоп на нивните вести.

Останатиот дел од денот новинарите работеа на видеообработка со помош на Windows movie maker со цел да додадат мултимедијална компонента на нивните вести, а подоцна им беа презентирани и можностите кои ги нуди сервисот Youtube за објавување и доработка на видеосодржините.

На почетокот на третиот ден од обуката учесниците научија и како да прават слајдкасти – комбинација од презентација (може да е составена од слики или од слики и текст) и аудио-подлога со помош на сервисот Slideshare, што ќе им биде корисно во случаите кога ќе сакаат да направат мултимедијална вест за некој настан, од кој немаат видеоматеријал.

Последната сесија беше посветена на употребата на социјалните медиуми како алатки за промоција на нивните медиуми. Фокусот беше ставен на користењето на Твитер и Фејсбук за промоција на веб-содржини, интеракција со онлајн-публиката и привлекување нова.

За крај преку вежби, новинарите имаа можност практично да ги применат и повторат стекнатите вештини, со помош на обучувачите.

Со оваа обука бројката на обучени новинари достигна 38. Метаморфозис продолжува со имплементација на овие обуки, а до крајот на годината ќе се одржат уште 6.